Култура
Филип Димишковски е добитник на „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2018 година

„Катар ервеис“ во соработка со Скопскиот џез фестивал по вторпат ја доделува наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во Македонија. Минатата година со неа се закити младиот тапанар Виктор Филиповски. Оваа година наградата „Златен орикс“ оди во рацете на пијанистот Филип Димишковски.
Наградата ќе му биде врачена вечерва во 19 часот во кафе-бар „Винил“ каде што ќе биде организирана коктел-забава и музички настап.
Филип Димишковски е роден 1995 година во Скопје. Започнал да учи пијано на возраст од 12 години, кај Игор Димовски. Подоцна посетува часови кај Дамир Имери, каде што се запознава со основите на џезот. На 18 години веќе свири по локални клубови во Скопје во различни џез-формации, со Тони Китановски, Александар Икономов и други. Гоце Стевковски Септет, „Некст ту сајленс“, Сара Мејс, „Конкеринг лајон“ и „Љубојна“ се се само некои од најзначајните бендови/музичари со кои има соработувано. Настапувал низ Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот, на фестивали како Сараево џез-фестивал, Скопски џез-фестивал, Банско џез-фестивал и Д Фестивал.
Неговото име како изведувач се појавува на неколку албуми, меѓу кои „Радио Љубојна“ на Љубојна, Reflections на Djole Grujovski Quartet, потоа Floating Through Space With Sarah Mace и Re:vision на Fin Project.
Доделувањето на наградата „Златен орикс“ е една од повеќето придружни активности на 37. издание на Скопскиот џез фестивал, чијашто главна програма стартува на 18 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.