Свет
Канада ја легализираше марихуаната
Од утре Канада ќе стане третата земја во светот каде што марихуаната ќе биде легална за користење на национално ниво, по стапување на законот во сила кој во јуни беше усвоен во парламентот.
Возрасно лице ќе смее да поседува до 30 грама марихуана (сув производ), а ќе може да одгледува најмногу четири стебленца без разлика на големината на домот.
Засега, консумирањето марихуана ќе биде легалнo само во Квебек, со неколку исклучоци, како и за пушењето цигари.
Она што сè уште е нелегално е продажба и дистрибуција на храна со додаток на екстракт од марихуана, додека не се решат регулациите околу користење на истите. Се очекува овие производи да бидат достапни наредната година.
Сепак, законот дозволува домашна подготовка на храна со марихуана како додаток.
Засега, сувиот канабис и маслото од канабис ќе може да се купи само во овластени продавници.
„Прехраnбените продукти кои содржат марихуана или продукти добиени од канабис се сложени. За нас е важно корисниците да се запознаени со регулативата и безбедни“, вели Бил Блер, министер за гранична безбедност и организиран криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Свет
Зеленски: Енергетската состојба во Украина останува критична по руските напади
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека во многу региони на земјата енергетската состојба и понатаму е тешка, поради руските напади врз критичната инфраструктура.
„Енергетските работници и екипите за поправки работат ден и ноќ за да го обноват снабдувањето со електрична енергија, греење и вода за луѓето. И ова е навистина монументален напор, кој има големо значење за нашите граѓани, за обнова на нормалниот живот по постојаните руски терористички напади“, рече Зеленски во објава на платформата Икс.
Според него, Русија оваа недела лансирала скоро 1.100 борбени дронови против Украина, повеќе од 890 водени авионски бомби и повеќе од 50 ракети од различни типови, меѓу кои и балистичка ракета со среден дострел „орешник“.
Свет
Стармер преговара со европските сојузници за испраќање на воени сили на Гренланд
Британскиот премиер Кир Стармер е во преговори со европските сојузници за распоредување на воени сили на Гренланд, со цел да се ублажат безбедносните стравувања на американскиот претседател Доналд Трамп и да се спротивстават на растечката закана од кинеската и руската војска, пренесуваат странските медиуми повикувајќи се на извор од британската влада.
Воените команданти прават планови за можна мисија на НАТО на островот, кој американскиот претседател се закани дека ќе го окупира од безбедносни причини, а британските претставници се сретнаа со колеги од голем број земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, во последните денови за да започнат подготовки, изјави извор за Телеграф.
Плановите, кои сè уште се во рана фаза, би можеле да вклучуваат распоредување на британски војници, воени бродови и авиони за заштита на Гренланд од Русија и Кина, при што европските земји се надеваат дека значителното зголемување на нивното присуство на Арктикот ќе го убеди Трамп да се откаже од својата амбиција да го анектира стратешки важниот остров.
Извори од британската влада изјавиле дека Стармер ја сфатил „исклучително сериозно“ заканата од Русија и Кина во областа и се согласил дека мора да се преземе акција.
– Го делиме ставот на претседателот Трамп, растечката агресија на Русија на далечниот север мора да се запре, а евроатлантската безбедност мора да се зајакне. Велика Британија работи со сојузниците на НАТО за да започне напори за зајакнување на арктичкото одвраќање и одбрана, изјави еден од изворите.

