Економија
50 македонски компании учествуваат на работилница на ФИТР за „Инвестициска подготовка“

Експерти и професори од САД и Европа со меѓународно искуство во областа на иновациите, претприемништво, развој на нови бизниси, маркетинг, продажба и пласирање на производи ја водат дводневната работилница која се реализира во соработка и со поддршка од „Швајцарската програма за претприемништво“, финансирана од Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија.
„Со првата работилница која ја организира Фондот во рамките на оваа Програма компаниите ќе имаат шанса да се здобијат со нови знаења и вештини кои ќе ги искористат за подготовка на успешни проекти.“, изјави Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Тој најави дека до крајот на годинава Фондот ќе објави два нови јавни повици за финансиска поддршка на компаниите.
„Продолжуваме со реализација на програмата на ФИТР. Веќе разговаравме со Светската банка и до крајот на оваа година ќе објавиме јавен повик за старт ап компании, како и нов повик за инструментот за комерцијализација на иновации. Повиците ќе бидат отворени за домашните компании, со цел поттикнување на забрзан економскиот раст во наредниот период“, истакна Деспотовски.
Заменикот амбасадор на Швајцарија Стефан Томагиан, во своето обраќање нагласи дека тие и понатаму ќе ги поддржуваат активностите на Фондот за јакнење на капацитетот и вештините на македонските компании.
„Нема подобар начин да се започне еден ден, односно да се биде опкружен со луѓе со идеи и визии. Тоа што сте тука е одличен знак дека сакате да научите нешто ново и да се развивате и понатаму“, посочи Томагиан.
Во рамките на оваа интерактивна работилница, учесниците ќе се стекнат со дополнителни знаења и вештини за подготвеност за инвестиции, комерцијализација, раст преку стратешки партнерства, ГТМ стратегија, како и презентациски вештини и изработка на маркетинг план. Компаниите учесници на оваа работилница се дел од апликантите на првиот повик за Планот за економски раст на Владата, што се реализираше во првата половина на 2018 година. Покрај работилницата, во периодот од 19 – 30 октомври овие компании ќе добијат и индивидуална менторска поддршка за доразработка на проектните идеи.
Програмата за инвестициска подготовка ќе продолжи и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Ред во изградбата на нови енергетски капацитети, за прв пат годишен план, ќе се гради она што е приоритет за државата и граѓаните

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини како што е соопштено, започнува практичната примена на Законот за енергетика и воведување на транспарентен, јасен и предвидлив процес на планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Македонија. За прв пат ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ќе ги дефинира насоките за изградба на нови објекти и зајакнување на енергетските мрежи, како и насоките за развој на нови енергетски објекти во кои државата ќе се јави како инвеститор со цел стабилизација на системот и зголемување на безбедноста во снабдувањето со електрична енергија.
На интернет-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се објавени сите потребни документи за доставување иницијативи за развој на енергетски проекти, со што започнува практичната примена на Законот за енергетика и се воспоставува транспарентен, јасен и предвидлив процес за планирање на развојот на енергетскиот систем во Република Северна Македонија, велат од министерството.
Овој процес е од особена важност за државата затоа што обезбедува конкретна слика за приоритетите во развојот на енергетските капацитети и овозможува стратешко насочување на инвестициите, со цел стабилно снабдување со електрична енергија и правна сигурност за инвеститорите.
„Со овој транспарентен процес, секој потенцијален инвеститор ќе има јасна слика за потребите и приоритетите на нашата држава. Секоја иницијатива ќе биде детално технички обработена, со јасно дефинирани можности за приклучок и потребните зајакнувања на мрежата. Нашата цел е енергетскиот систем да се развива одржливо и да обезбедува стабилно снабдување за сите граѓани“, истакна министерката Сања Божиновска.
„На интернет-страницата на Министерството е објавено детално објаснување што се е потребно за поднесување на инцијатива. https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/dokumenti-file-wrMD.docx
На сајтот на министерството се достапни и сите технички и административни документи, поделени според видот на капацитетите, а со цел олеснување на процесот за потенцијалните инвеститори, обезбедување навремена подготовка за апликација и можност сите заинтересирани да ги планираат своите инвестиции врз основа на јасна слика за приоритетите на државата.
Што значи ова за инвеститорите?
• Проектите уште во рана фаза ќе бидат детално технички обработени,
• ќе се дефинираат потребните интервенции во дистрибутивната и преносната мрежа,
• за секоја иницијатива ќе се изготват варијанти за приклучок, јасно и транспарентно ќе се презентираат потребните зајакнувања и надградби на соодветните енергетски системи како и роковите за реализација,
• ќе се елиминираат несигурностите околу приклучувањето на проектите кон мрежата,
• ќе се обезбеди правна сигурност за инвеститорите и предуслови за финансиска поддршка од институциите.
Секој инвеститор – приватна компанија, физичко лице, општина или јавно претпријатие – има можност да достави иницијатива. Секоја иницијатива ќе биде анализирана според:
• видот на технологија за производство на електрична енергија,
• техничките и технолошките карактеристики на опремата,
• инсталираната моќност и балансниот капацитет,
• регионот на реализација, како и можностите за приклучок кон енергетските системи.
Рок за доставување на иницијативи за 2026 година е 30 септември 2025.
По завршување на рокот ќе биде изготвен Годишен план за развој на енергетскиот систем“, соопштија од министерството.
Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.
Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.