Македонија
(Видео) Кржалоски: Со ребалансот на буџетот СДСМ крати седум милиони евра наменети за младите
СДСМ во изминатите 2 години во кои е на власт докажа дека воопшто не се грижи за младите во Македонија. Ниту едно од ветувањата не е остварено. Напротив, постојано сме сведоци на нови кратења во инвестициите за креирање можности за младите, обвини Лука Кржаловски, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Негрижата на СДСМ за младите се покажа и со последниот ребаланс на буџетот. Со ребалансот СДСМ крати од оние сектори што се најважни за младите во Македонија, и тоа цели 7 милиони евра!
Владата на СДСМ крати цели 170 милиони денари за изградба и реконструкција на студентските и ученичките домови. 48 милиони денари помалку средства ќе има за превод на книги од реномирани автори, а дури 87 милиони се кратат од средствата планирани за изградба и реконструкција на основни училишта.
Тоа не е сè. Владата на СДСМ крати 30 милиони денари од парите наменети за изградба на училишни спортски сали, 43 милиони денари помалку ќе има за изградба и реконструкција на средни училишта, како и 50 милиони денари помалку за спортски објекти.
Да повторам, тоа се над седум милиони евра помалку за младите луѓе во Република Македонија!
Затоа и резултатите се поразителни. Македонија е на трето место во светот по младинска невработеност. Повеќе од 50 проценти од младите немаат работа иако повеќето од нив се и високо образовани. Штетните политики на СДСМ кон младите предизвикуваат егзодус на младите од државата. За младите не дојде животот што им го ветуваше Заев.
Но, за ВМРО-ДПМНЕ младите се врвен приоритет. Ние точно знаеме што им недостига на младите и тоа ќе биде дел од партиската програма во наредниот период. Ќе ја вратиме надежта кај младите дека Македонија ќе победи. Младите ќе победат“, рече Кржаловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

