Македонија
„Ако излегол членот, нека прашаат дали гласал и брат му, нека излезат сите“, Тодоров го советува Јанакиески

Во еден од разговорите направени на 24 март 2013 година, кои беа пуштени денеска во судницата на рочиштето за предметот за изборни измами „Титаник“, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески бара совет од поранешниот министер за здравство Никола Тодоров што да прават во општина Центар каде што, како што велат, има голема излезност на „комуњари”.
„Ги извадивме сите месни комитети, 90 отсто имаме излезеност од кај нас, не знам што друго да направиме“, му вели Јанакиески на Тодоров.
На ова министерот за здравство му кажува да одат до крај и од врата на врата да вадат.
„Одете до 100 отсто, од врата на врата, ако излегол еден нека праша каде е брат му или сестра, му, сите нека излезат“, вели Тодоров.
Во кривичниот суд во Скопје утрово продолжи судењето за предметот „Титаник” каде се пуштаат дел од необјавени телефонски разговори за изборни измами. Во предметот обвинети се 21 лице, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре и задутре бесплатен паркинг во зоните на „Градски паркинг“

Во текот на Велигденските празници, утре и задутре, на зонските паркиралишта кои се во надлежност на ЈП „Градски паркинг“ нема да се врши наплата за паркирање. Исклучок од ова е зоната А0 на Водно, каде граѓаните ќе мора да платат за паркирање.
Од претпријатието информираат дека во наредните два дена наплата нема да се врши и на јавните паркиралишта: Тутунски комбинат, Зоил и 8 Септември, додека пак редовна наплата ќе има во катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“, како и на сите останати јавни паркиракишта – Кочо Рацин, Градска болница, Нова Македонија, АМСМ, Народен фронт, Треска и Клинички центар „Мајка Тереза“.
Македонија
ДУИ за истрагата за пожарот во Кочани: Обвинителството се оддалечува од правдата и влегува во политичка игра

Од Демократската унија за интеграција остро реагираат на последната прес-конференција на главниот јавен обвинител, кој се повика на меѓународни примери како Романија, Бразил и САД, за да ја оправда одлуката за воведување долгорочна каузалност и отворање обвиненија против поранешни функционери.
„Ова не е право, ова е правна импровизација. Главниот обвинител не се води од закон, туку од желба за аплауз“, велат од ДУИ.
Од партијата потенцираат дека, за разлика од тврдењата на обвинителството, во ниту еден од наведените меѓународни случаи не се случило да се водат процеси против луѓе кои немале допирна точка со самата трагедија. Одговорност, според истражувањата, сноселе само директно инволвираните – најчесто три до пет лица – без историски ревизии или вештачки проширување на вината.
„Наместо да ја бара вистината низ призмата на правдата, обвинителството оди по патот на популизмот и спасување на Владата. Овој пристап не е само антипрофесионален – тој е антиуставен“, истакнуваат од ДУИ.
Според нив, ова е јасен показател за политички договор помеѓу извршната и судската власт, што ја нарушува независноста на правосудниот систем.
„Претворањето на трагедијата во алатка за лична или институционална промоција е опасна девијација. Последиците од ваквото дејствување можат да бидат несогледливи“, предупредуваат од партијата.
ДУИ упатува јасен апел:
„Обвинителството мора веднаш да го прекине трансакцискиот однос со Владата. Правото не се практикува по нарачка. Кариерите на политичарите и обвинителите не смеат да се градат врз туѓа трагедија“.
Од ДУИ јасно порачуваат: „Историјата, правото и јавноста ќе ги паметат тие имиња – не како херои на правдата, туку како пример за злоупотреба на правниот систем под политички и јавен притисок.“
Македонија
Полесно до потврдите за сопственост на моторни возила, воведена е нова електронска услуга

Министерството за дигитална трансформација денеска информира дека достапни се две нови услуги на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk, кои се однесуваат на Министерството за внатрешни работи.
Како што посочуваат од Министерството, станува збор за многу користени потврди за моторни возила кои се употребуваат во прометот – Потврда за моментална сопственост на моторни возила за физички лица и Потврда за поседување на моторни возила за одреден временски период за физички лица (историјат за возило).
Овие две услуги отсега се достапни во електронска форма и истите можат да се употребуваат во правниот промет. Нивното добивање е достапно и во центрите за услуги на Министерството за дигитална трансформација во Скопје (Центар), Аеродром, Куманово, Тетово, Јегуновце, Битола, Охрид и Штип.
– Дигитализацијата на овие нови услуги на Националниот портал е значаен чекор напред во насока на транспарентност и ефикасност на институциите. Со нивното дигитализирање, граѓаните добиваат ефикасна услуга, јасен увид во постапките, намалувајќи ја можноста за злоупотреби и зајакнувајќи ја довербата во јавната администрација, соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација.