Македонија
(Видео) Ченто: Немам намера да го оставам мојот син и да избегам, ве молам, укинете ми го притворот
„Имам солидна материјална состојба, имам работен однос, ретко ги напуштам границите на Република Македонија, немам друг пасош. Немам прекршочна или кривична пријава и немам намера да бегам. Гаранцијата што ја давам денеска е ништо во однос на онаа гаранција што ја давам со мојот син, немам намера да го оставам и да избегам како кукавица. Невин човек не бега. Дома бев 30 дена, ако сакав да бегам, ќе избегав тогаш. Затоа, ве замолувам да ми го укинете притворот“, рече Јане Ченто на денешната седница на Апелациониот суд, на која бара да биде ослободен од притвор и да се брани од слобода.
„Барам да ја исправите неправдата со која ме испратија во Шуто Оризари. Таму условите се под секое човечко ниво“, рече Ченто.
Тој истакна дека е совесен човек и нема да ги остави седумте фамилии кои со гаранција од 526.370 евра пресметани во недвижен имот гарантираат дека нема да се впушти во бегство.
Ченто додаде дека судот претходно одобрил барање за укинување на мерката притвор од обвинети за истиот случај мислејќи на пратениците со помала парична гаранција, па очекува судечкиот совет да го одобри барањето за ослободување од притвор.

Адвокатот на Ченто, Дончо Наков, изјави дека одлуката на кривичниот суд со која е одбиено барањето за укинување на притворот на Ченто е лицемерна.
„Сте прифатиле многу пониски гаранции за обвинети во истиот случај и ја поздравувам оваа пракса. Би ве замолил да ја видите хронологијата на притворот, да ги видите документите од надлежните установи, кои ќе ви потврдат дека замената од куќен притвор во притвор не се поткрепени со закон. Ќе ви потврдат дека кај овој обвинет нема намера за бегство“, рече Наков.
Кривичниот совет на скопска „единица“ претходно му го одби барањето за укинување на притворот на Јане Ченто, претседателот на македонското патриотско здружение „Пере Тошев“. Седницата во скопска Апелација е по барање на Ченто.
Ченто е еден од 33 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, заедно со Митко Чавков, петтемина пратеници од Собранието и организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“.
Јавна седница во Апелациониот суд се одржа и за жалбата за ослободување од куќен притвор за Богдан Илиевски и Владо Јовановски, исто така обвинети за случувањата од 27 април. Седницата се одржа без присуство на двајцата обвинети.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.

