Македонија
Полска поддржува судбината на Македонија да се обликува по волјата на нацијата, му рече новиот амбасадор на Иванов
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на Војчех Јежи Тичињски, новоименуван амбасадор на Република Полска во Република Македонија.
На церемонијата на предавање акредитиви, претседателот Иванов истакна дека македонско-полските односи ги карактеризира искрено пријателство, меѓусебна почит, континуиран политички дијалог и значајна динамика во соработката во повеќе области од заемен интерес.
Претседателот Иванов порача дека за нашата земја од особено значење е поддршката и помошта од Република Полска за реализација на нашите зацртани стратешки цели, членство во НАТО и во Европската Унија.
„Јас како претседател на Република Македонија немам апсолутно никаква дилема дека местото на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Суверената волја на македонските граѓани на референдумот треба да се почитува. Затоа, и по референдумот се надевам дека процесот за зачленување на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија ќе продолжи“, рече претседателот Иванов.
Во таа насока, претседателот Иванов побара поддршка од Република Полска за деблокирање на процесот за членство на земјава во НАТО и во ЕУ, без притоа да се крши правото на самоопределување.
„Искрено очекувам и се надевам дека Република Полска ќе ги има предвид нашите аргументи, нашите постигнувања и дека поддршката во реализацијата на нашите цели ќе продолжи и во наредниот, исклучително значаен период. Европската перспектива е најдобрата гаранција за просперитет и стабилност на Балканот“, порача македонскиот претседател.
Амбасадорот Тичињски истакна дека неговата земја придава големо значење на унапредувањето на билатералните односи и на зацврстувањето на пријателските односи меѓу двата пријателски народи. Во таа насока амбасадорот Тичињски истакна декa на вредностите кои ги приближуваат двата народи и двете држави треба да им се додаде уште едно нешто, а тоа е компатибилноста на заедничките интереси како партнери во меѓународните односи.
„Како земја што одигра важна улога во соборувањето на комунистичкиот систем во нашиот дел на Европа, ние веруваме дека секоја држава ја заслужува нашата поддршка за своите амбиции да ја обликува својата судбина во согласност со волјата на нацијата и принципите на демократскиот свет“, рече амбасадорот Тичињски.
Како што истакна Тичињски, прифаќањето на ваква политичка филозофија од страна на Полска, исто така, резултира од претпоставката дека слободната, демократска, развојна и добра соработка со Македонија претставува важна цел не само за Македонците туку и за целокупниот Балкански Регион и Европа како целина и дека Европа не може да биде стабилна доколку сите европски земји не останат стабилни.
Претседателот Иванов на новоименуваниот амбасадор му честиташе за функцијата и му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
651 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 585 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 651 прекршоци, извести МВР.
„Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци.
При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Електродистрибуција: Tешка кражба на електрична енергија од трафостаница, штета од 16 милиони денари
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.

