Македонија
Одбранбените прашања во регионот тема на средбите на заменик-министерот Максути во Чешка

Заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, престојува во посета на Чешка, каде што се сретна со чешкиот колега Јакуб Ландовски и ја предводи македонската делегација која учествуваше на Future Forces Forum, во чии рамки кусо разговара и со чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар.
Како што информираат од Министерството за одбрана, на средбата двајцата заменици разговарале за безбедносните и одбранбените прашања во регионот и во Европа, како и за актуелната политичка состојба во Македонија, при што Максути информирал за актуелните настани поврзани со интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ и ги истакнал чекорите и напредокот, кои, како што нагласил, Македонија ги направи во однос на реформите во одбраната, а во поглед на идното членство во НАТО.
Заменикот-министерот информирал и за процесот на опремување и модернизација на АРМ, за зголемувањето на буџетот за одбрана и за идните планови на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија.
Двајцата заменици истакнале дека соработката меѓу двете земји е на високо ниво и посочиле дека таа може да се продлабочи. Во однос на интеграцијата на Македонија кон ЕУ и НАТО, Ландовски истакнал дека Чешката Република и во иднина ќе продолжи со поддршката за нашата земја.
Заменикот-министер Максути за време на форумот остварил и средби со претставници на повеќе компании од одбранбениот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од Гевгелија: Државата не е пи-ар агенција на Мицкоски, на народот му е потребна вистинска помош

Ниту сме шести во Европа по раст на платите, ниту скандинавски живееме, годишната инфлација не паѓа, таа е 4%, народот живее тешко и тоа е факт, порача вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ која се одржа во Гевгелија.
„Годишната инфлација е 4%. И тоа е факт. Ама излегува денеска податок за септември, цитирам од месец на месец се намалила инфлацијата -0,2%. Со статистички финти и спинови се обидуваат да ги убедат луѓето дека се како што треба. Па народот знае дека тоа не е вистина, секој ден во маркет, на пазар во продавница, граѓаните знаат колку чини млекото, лебот, знаат колку тешко живеат“, рече Филипче.
Филипче потенцираше дека граѓаните ја изгубиле вербата затоа што власта не испорачала резултати кои ги ветувала и ја повика владата конечно да, како што рече, престанат да лажат тука да преземат нешто и го подобрат стандардот за да може народот нормално да живее.
„Народот не живее од статистички финти и бројки. Престанете да лажете и земете нешто направете. Државата, Владата не е тоа пи-ар агенција на Мицкоски. На народот му е потребна вистинска помош“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, Филипче, рече дека економијата е во колапс, индустријата опаѓа, малите бизниси се борат за опстанок, земјоделците се пред банкрот, додека работниците немаат со што да го дочекаат крајот на месецот. „Но тука се и лекарите, наставниците, пензионерите кои сите се оставени сами на себе“, рече Филипче.
Македонија
Српски медиуми го објавија идентитетот на Македонецот кој загина во експлозијата во Белград

Македонскиот државјанин Мартин Сипковски (21), модел по професија, е убиен во експлозијата што се случи минатата недела во стан на улицата Косовска во центарот на Белград, дознава Курир.рс.
Вишото јавно обвинителство во Белград го сослуша Филип В. (26) во врска со експлозијата во која загина Сипковски под сомнение дека на 30 септември нелегално го стекнал, а потоа го носел експлозивот „пентрит“, кој го предал на државјанин на Северна Македонија на аголот од улиците Косовска и Нушиќева истиот ден.
Курир.рс објавува дека Мартин Сипковски, како што е утврдено од досегашната истрага, следниот ден, 1 октомври, околу 21:45 часот, несмасно го активирал експлозивот и починал на самото место.
„По обдукцијата, беше идентификувано дека починатиот е Мартин Сипковски, државјанин на Северна Македонија, кој, според неофицијални информации, немал криминално досие. Сè уште не е познато како завршил во мафијашките кругови, со оглед на тоа што, според познаници, тој бил модел кој си направил добро име на турскиот пазар и направил голем напредок на модната писта“, рекол изворот за Курир.рс.
Експлозивната направа наводно била подготвена за убиство на човек со криминално досие, кој е поврзан и со навивачки групи.
Истрагата што ја води надлежното Вишо јавно обвинителство во Белград сè уште е во тек.
Македонија
Мицкоски: СДСМ имаат слоган со кој велат се бориме за домот, на кој дом мислат на Халкидики или во Дубаи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од денешниот народен митинг во Маврово-Ростуше, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!
Мицкоски зборуваше за политичките опоненти за локалните избори кои се ближат и истакна дека коалицијата СДСМ, ДУИ, Левица ги врзува желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ тврдат дека се борат за нивниот дом, според нивниот слоган за изборната кампања, но не се знае за кој точно дом зборуваат дали оној на Халкидики ли оној во Дубаи, додека ДУИ зборува за теми од пред неколку децении, наместо за иднината. На овие избори имаме две опции. Секој кој што мисли дека има трета опција се лаже. Нема трета опција. Едната опција се една коалиција. која што во некои од општините делува формално, односно јасно е профилирана, во некои од општините е полуилегална или би рекол неформална. А, во некои од општините делува повеќе стихидно. Но, во суштина, се заедно и нив ги поврзаа две работи на овие локални избори“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, опозициските СДСМ, ДУИ и Левица, на овие избори ги врзува желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ.
,,Нив ги поврза најпрво желбата за власт, силна желба за власт и втората работа е голема омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се двете работи коишто коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица ги собра заедно да ни бидат противници на овие политички локални избори“, истакна Мицкоски.
Мицкоски истакна дека политичката партија СДСМ, имала можност 7 години да се бори за нивниот дом, како што вели и нивниот слоган за изборната кампања за локалните избори годинава, но освен жестоки грабежи и предавства, како што рече, ништо друго не испорачале додека биле власт.
,,Оваа коалиција, ако се вратиме назад имаше можности. Еден субјект во оваа коалиција тоа е да настапува со слоганот “Да се бореле за домот“. Тие имаа 7 години можности да се борат за својот дом, наречен нашата татковина Македонија. Освен жесток грабеж, предавство и понижување на македонскиот народ, на граѓаните во Македонија, на Македонија како држава буквално ништо друго, ниту испорачаа, ниту направија“, кажа Мицкоски и додаде:
,,Затоа сега се прашуваме, на кој дом мислат, дали мислат можеби на онаа вила на егејското крајбрежје, на Халкидики, дали мислат на хациендата во Дубаи, или пак мислат на оние скапи глисери коишто ги видовме летоска како уживаат, во еден раскошен елемент. Граѓаните се збунети. И не знаат сега конкретно за кој дом зборуваат. Секоја нивна порака е порака исполнета со лага, порака исполнета со невистина, порака исполнета со црна кампања, ад хоминем напади, ниски страсти. Така впрочем тие ја водат целата кампања“.
Мицкоски рече дека лидерот на ДУИ имал повеќе од две децении можност да направи било што за граѓаните, и според Мицкоски, тој не успеал да испорача ништо освен да придонесе за иселување на граѓаните од земјата.
,,Тој имаше повеќе од две децении можност да направи, за граѓаните, но и еве и за народот албанскиот народ којшто го гласа најчесто него и неговата политичка партија. А што направи за возврат. Пред очи гледаше како се празнат селата, тоа е веќе стара вест, сега се празнат градовите. Повеќе од 100-тина илјади негови граѓани се иселија. Залудни се хациендите во Зајас, залудни се замоците во Зајас. Затоа што соседите ги нема“, заклучи Мицкоски.