Македонија
Демократската фракција бара ново и прочистено ВМРО-ДПМНЕ
Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ зад која стои Јове Кекеновски преку соопштение побара ново и прочистено ВМРО-ДПМНЕ.
„По вчерашното предавство на партијата и државата од високи партиски структури сега е вистински и последен момент членството на партијата да побара одржување на вонреден партиски Конгрес. Потребно е да се понесе одговорност зошто не се послуша советот на фракцијата пратениците да си поднесат оставка на функцијата поради реалната опсаност и можност од уцена, закани и нивно купување. Актуелното раководство на ДПМНЕ свесно и намерно ги доведе дел од пратениците во таква ситуација. Потребена е политичка одговорност за водењето на калкулантската политика. Не може да се води најголема опозициона политичка партија од луѓе кои со едно око му намигнуваат на членството, а со друго на политичкиот противник и меѓународната заедница, а зад грбот на сите штитат криминални партиски структури“, вели Демократската фракција.
Тие бараат Конгресот на партијата да определи дали ВМРО ДПМНЕ во иднина ќе биде партија или движење; дали и понатаму ќе функционира без идеологија и како злосторничко криминално здружение или во пак најитно ќе се врати на демократскиот колосек како современа демократска и патриотска политичка партија, која ќе биде на браникот на националните интереси.
„На државата и на граѓаните потребно им е ВМРО ДПМНЕ прочистено од криминални структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони желни само за власт и сопствен комодитет“, наведува Демократската фракција во соопштението.
Тие им оддадоа почит на сите пратеници на ВМРО ДПМНЕ кои, како што велат, и покрај сите притисоци на сдсмовско-дуиџиската власт останале достоинствени, покажале свест и совест и останале на висината на патриотизмот, без разлика што за некои од нив постојат обвиненија или можеби се водат предистражни или истражни постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски политиката ја сведе на таблоид
Премиерот Мицкоски политиката во земјата ја сведе на ниво на таблоид. Наместо решенија и одговори за проблемите со кои граѓаните се соочуваат, сведоци сме на празни изјави на премиерот на ниво на жолт печат, без суштина, без реална политика, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Ова не е политика, туку дефокус. Дефокус од катастрофалната состојба во земјата, од реалноста и од проблемите, а тоа е примарна цел на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ. Додека течат криминални тендери зад грбот на народот му се сервираат измислени афери, црни кампањи, јавен линч врз опозицијата“, рече тој.
Последниот пример, додаде Филипче, е сите да се занимаваат со лажните вести на Алфа ТВ и црната кампања на ВМРО против мене, со Жан Митрев, додека се увезуваат 10.000 „економски работници“.
„Ќе објават една лажна вест за зграда во Дубаи, а во позадина ќе протуркаат Декрет во Собранието. Целото внимание намерно се насочува кон нешто измислено. Ќе објавуваат нова измислица освен зградата од 42 ката во Дубаи, некое патување во Дубаи преку Венеција., а во позадина се протнува Закон за странци како вовед во носењето на мигранти, односно „економски работници“. Објавуваат лага на Жан Митрев на Алфта ТВ, нов фабрикуван случај „рекет“ а под маса си делат тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општините, 1,2 милиони евра тендери преку пошта, 9 милиони евра тендери за фирма со двајца вработени. Во следните денови следат нови бомби, нашиот АКТ тим работи врз основа на информации коишто се аплицираат на нашата антикорупциска платформа. Огромен број од информациите доаѓаат од членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту една институција досега нема преземено ништо за ниту еден од овие скандали“, рече Филипче.
Тој истакна дека секогаш кога ќе излезе некоја измислена, фабрикувана афера, тоа е дефокус.
„Секогаш кога ќе прочитате текст од кујните на ВМРО, Вие, почитувани граѓани треба да знаете дека се случува уште една пљачка зад вашиот грб. Прават дефокус за вие тоа да не го видите. Планот е едноставен: изолација, избори, па мигранти за пари. Но разоткриени се и ова нема да помине. Секој нивни чекор го знаеме однапред“, рече лидерот на СДСМ.
Македонија
(Видео) Притисок, замрзнати сметки и понуда за багателен откуп: Како, според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Филипче сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешна прес-конференција изнесе обвинувања кон поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. Според Петрушевски, двајцата му нуделе помош во тековната судска постапка на докторот Жан Митрев, во замена за отстапување на неговата болница по „багателна цена“.
„Преку државните институции и инсталациите во правосудството, Заев и Филипче вршеле притисок врз др. Жан Митрев за на легален начин и по релативно ниска цена да ја откупат болницата“, изјави Петрушевски.
Тој опиша дека, откако биле замрзнати сметките на доктор Митрев и неговата здравствена установа, бил спречен да продава удели од болницата додека траела постапката. Сепак, според зборовите на пратеникот, поранешната власт го заобиколила ова.
„Користејќи ја својата политичка моќ како власт во државата, ургирале да се тргне забраната за продажба на удели во болницата и му дале предлог на др. Жан Митрев, да им ја продаде болницата по багателна цена, а тие да му помогнат во судската постапка“, рече Петрушевски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој случај не е изолиран, потсетувајќи дека за други болници во јавноста претходно се ширеле слични информации.
Македонија
МВР предупредува: Не наседнувајте на лажни пораки во име на директорот на БЈБ и од Единицата за сајбер безбедност
Во МВР пристигнуваат пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во која се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен емаил бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, како детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
Според МВР, целта е примачот на пораката да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на БЈБ – МВР ниту од одделението за сајбер криминал и безбедност.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку маил и доколку внимателно се прочитаат овие пораки може веднаш да се забележат грешки во текстот во однос на тоа дека е направен со лош превод на интернет со тоа и смислата на содржината на пораката насочува дека е сомнителна поточно измама“, велат од МВР.
Од таму апелираат на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците.
Исто така, МВР ги предупредува граѓаните да не отвораат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на нивниот компјутерски систем од малициозен софтвер.

