Македонија
Делови од Скопје без струја
Од „ЕВН Македонија“ АД информираа дека денеска поради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа, без електрична енергија ќе останат делови од повеќе општини во Скопје.
Во соопштението се наведува дека од 08:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Лазар Личеновски, поточно Спортската Сала – Кале и сите објекти во околината во општина Центар, ќе останат без струја. Понатаму стрија во општина Центар ќе немаат ниту дел од корисниците од улицата Димитар Пандилов, и тоа во периот од 08:30 до 12:00 часот, додека пак во период од 08:30 до 13:00 часот без струја ќе бидат и дел корисниците од улицата Дебарца од број 1 до број 12, улицата Коста Кирков број 3 и број 5, Евангелско – Методистичка Црква и улицата Никола Тримпаре од број 11 до број 20, сите во општина Центар. Понатаму струја ќе нема ниту во општина Аеродром, во периодот од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улицата Петар Ацев зграда број 21 ќе бидат без електрична енергија.
Во период од 08:25 до 11:30 часот, корисниците од улиците: Архиепископ Доситеј, Ресенска, Павле Илиќ, Вуковарска, Жикица Јовановиќ Шпанац и Ѓорѓија Томовски, понатаму во период од 08:30 до 13:00 часот, корисниците од улиците: Аврам Писевски, Бајрам Шабани, Архимедова, Вергино и Ордан Чопела, како и корисниците од улиците: Дижонска, Ѓорѓија Томовски, Архиепископ Доситеј, Браќа Реџепагиќ и Божин Стизов, во период од 12:30 до 15:30 часот, сите во општина Чаир ќе останат без електрична енергија.
Од ЕВН додаваат дека струја ќе немаат ниту корисниците од дел од село Моране во општина Студеничани во период од 09:00 до 15:00 часот, како и корисниците од село Горно Соње улица 1, во општина Сопиште во период од 13:00 до 15:00 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ бара зголемување на минималната плата и се приклучува на протестот на работниците
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поддржува актуелните барања на дел од поголемите синдикатите и ќе се вклучи на протестот закажан за утре, 28 јануари.
„Оваа одлука беше донесена на состанок на Извршниот одбор со која истовремено ССНМ ги повикува своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјава. ССНМ смета дека приклучување на протестот на кој повикува Сојузот на синдикати и е закажан за среда од 17 часот е достоинствено демонстрирање на потребите на работниците“, смета синдикатот.
Од таму велат дека аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи особено во медиумската индустрија која во последните години доживува континуиран пад на висината на приходите на ангажираните медиумски работници, како и на условите за работа што, во продолжение се рефлектира, и врз целокупните општествени процеси во Македонија.
Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјава, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и останати кои од работодавачите се „држат“ на минималната плата. Со оглед на тоа дека голем дел од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата.
„Како најголема еснафска медиумска организација во Македонија, ССНМ смета дека оваа позиција на ниско ниво на минималната плата е недозволиво, дека законски предвиденото зголемување на истата е недоволно и дека со подигнување на сумата, голем дел од нејзините членови ќе дојдат до повисоки примања и делумно ќе го анулираат инфлацискиот шок што се случува во земјава“, велат од ССНМ.
Македонија
Стоилковиќ со честитка за Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, го честита Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија.
„Во име на Министерството за односи меѓу заедниците и во мое лично име, дозволете ми да упатам искрени честитки до сите припадници на српската заедница кои живеат во земјава, а по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија.
Ликот и делото на свети Сава се вградени во темелите на духовноста, образованието и човекољубието и претставуваат универзални вредности што со векови ги поврзуваат народите на Балканот, придонесувајќи за заемно почитување, разбирање и соживот.
Токму врз тие вредности, РС Македонија останува цврсто посветена на унапредувањето и заштитата на правата, идентитетот и културното изразување на сите заедници, како и на јакнењето на меѓусебната доверба, дијалогот и заедничките европски вредности.
Во тој свечен дух, Ви посакувам празникот да го одбележите во мир, здравје и достоинство, водејќи се од вредностите што ги промовираше свети Сава, според кои човекот се вреднува по своите дела и придонес кон заедницата.
Честит 27 јануари, Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија!“, пишува во честитката.
Македонија
Реконструкцијата на спортската сала Расадник е при крај, следниот месец треба да се пушти во употреба, најави Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се случува со спортската сала во Расадник, до каде е реконструкцијата, бидејќи долго време беше запуштена, изјави:
„Да благодарам, мислам дека е при крај. Мислам дека веќе следниот месец или месецот потоа најдоцна, треба и таа да се пушти во употреба, исто како што и салата во склоп на универзитетскиот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Кажа и министерката колку сѐ сали се прават. Знам дека уште три во Скопје имаме, имаме во Крушево и така натаму, сега да не навлегуваме во детали. Зборуваме за десетици нови објекти кои што се прават. Дали е тоа доволно, не е. Запуштено било долго време ништо не се правело. Дали треба уште? Да треба, и ќе правиме уште вакви проекти, бидејќи реков, најмладите, децата ни се најважни и тие ни се приоритет како Влада.“

