Македонија
Бутел пак под сообраќајна блокада, Општината ќе прави атмосферска канализација кај кружниот тек
Општина Бутел и Град Скопје од денеска ќе почнат со изградба на атмосферска канализација на улицата Александар Урдаревски на потегот од кружниот тек до улицата Бутелска.
Работите ќе се одвиваат во две фази.
Како што информираат од Општина Бутел, првата фаза ќе ја опфати делницата од кружниот тек до семафорите, а работите ќе траат еден месец.
Ќе биде променет режимот на сообраќај. Во наредните 30 дена ќе се одвива по улицата Хо Ши Мин преку улицата Цетинска или, пак, преку новата делница на булеварот Христијан Тодоровски – Карпош и улицата Натанаил Кучевишки.
За граѓаните што гравитираат кон Градските гробишта и општината Чучер Сандево, сообраќајот ќе се одвива преку улицата Боца Иванова до кружниот тек и обратно, информираат од Бутел.
Пред два месеца, по пет месеци блокада, беше пуштен во употреба новоизградениот дел од булеварот Христијан Тодоровски – Карпош во Бутел за да се намали огромниот метеж што се создаваше на кружниот тек во оваа населба. На жителите од овој дел на Скопје им требаа и по 40 минути да го минат само кружниот тек оти тој е единствената врска на градот со Бутел 1, Радишани и околните места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

