Македонија
Отворена првата депонија изградена по ЕУ-стандарди во Гевгелија
Депонијата во Ново Коњско, Гевгелија, прва во земјата изградена комплетно по стандарди на Европската Унија, денеска беше предадена во употреба на Општина Гевгелија. Изградбата на депонијата, вредна еден милион американски долари, е финансирана од јапонската влада, а проектот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Со пуштање во употреба на оваа депонија ќе се затвори сегашната нелегална депонија, која се протега по брегот на Сува Река, чиј капацитет е одамна надминат и претставува сериозна закана за животната средина и здравјето.
„Современата депонија е од клучна важност за нашата општина. Со нејзиното отворање, конечно, ќе ги решиме проблемите со цврстиот комунален отпад, а набргу ќе почнеме да ги гледаме и еколошките придобивки“, изјави градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков. Штом ќе почне да работи депонијата, додаде тој, од граѓаните ќе побараме да го сортираат ѓубрето.
„Навистина ни е драго што јапонската влада беше во можност да одвои средства за овој вреден проект“, изјави јапонската амбасадорка, Кеико Ханеда. Ханеда додаде дека земјата се соочува со сериозни проблеми со одлагање на отпадот и овој проект претставува пример што треба да го следат и другите градови и региони надевајќи се дека оваа современа депонија ќе има клучна улога во идниот систем на интегрирано справување со отпадот на југоистокот на земјата.
„Во УНДП сме задоволни што сме пионери во изградбата на првата депонија целосно според стандарди на Европската Унија“, изјави Луиза Винтон, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). „Но, правењето што и да било првпат знае да биде тешко. Движењето низ бирократските лавиринти за да се обезбедат сите потребни дозволи траеше две години. И тоа се одвиваше пред дури и да почнеме со изградбата. Затоа, им благодариме на нашите јапонски партнери за трпението. Но, сега, кога имаме функционална депонија, очекуваме да станеме туристичка атракција, каде што министри, градоначалници и граѓани може од прва рака да видат дека депонијата изградена по ЕУ-стандарди личи на сè, но не на отпад. Се надеваме дека на овој начин ќе го забрзаме процесот за изградба на петте планирани регионални депонии и исто така сме подготвени да го понудиме нашето искуство како обемната бирократија и прекубројните регулативи може да се надминат“, рече Винтон.
Таа побара од Општината да ја стави во функција депонијата што побргу. УНДП во моментот помага во обуката на лицата што ќе работат во депонијата, а се очекува најбргу што може да биде завршен патот до депонијата и да се обезбедат соодветни возила за отпад и друга потребна опрема.
Депонијата е дел од поголем проект од 2,2 милиона американски долари, поддржан од јапонската влада, а спроведуван од УНДП како поддршка за општините што беа најмногу погодени во бегалската криза во 2015-2016 година. Меѓу другите проекти финансирани од јапонската помош беше и реконструкцијата на пумпната станица во Гевгелија, со која двојно се зголеми капацитетот на снабдување на општината со вода за пиење. Исто така, се реконструира и коритото на Липковска Река во Куманово и сите проекти заедно придонесоа подобрување на квалитетот на живеење за речиси 150.000 жители во овие општини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеороловија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

