Македонија
Николовски најави нови мерки за одржливо управување и менаџирање со шумите
Денеска, беше потпишан меморандум за одржливо управување и менаџирање со шумите во државата и трајно зголемување на шумскиот фонд помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и со Националното здружение на сопствениците на приватни шуми.
„Со меморандумот се обврзуваме да ги унапредиме постојните и да креираме нови мерки во Програмата за рурален развој, со цел зголемување на економските, еколошките и културните вредности на шумите. Токму во овој период се подготвува новата програма за рурален развој за 2019 година, во која ќе бидат унапредени постојните и имплементирани нови мерки за секторот шумарство“, изјави Николовски.
Со буџетот за 2018 година сумата за Програмата за проширена репродукција на шумите и за Програмата за развој и унапредување во ловството е зголемена од 10 на 21,5 милион денари. Овие средства, како што потенцираа од Министерството, се наменети за унапредување и превентивна заштита на шумскиот фонд и мал дел мерки во ловството.
Министерот Николовски потенцира дека со денешниот меморандум е планирано креирање и унапредување на мерките од Програмата за проширена репродукција на шумите, а преку соработка и комуникација со стручната фела и со претставниците на Здружението, ќе се имплементираат нови мерки од заеднички интерес и ќе се издвојат повеќе финансиски средства. Резултатот ќе биде зголемување и унапредување на шумскиот фонд.
Николовски во продолжение најави сериозни реформи во шумарскиот сектор во наредниот период за што МЗШВ има финансиска и техничка помош од ФАО. Конкретно, се развива методологијата за спроведување национален инвентар за шумите, која ќе трае до крајот на годината.
Дополнително, со европската ИПА 2019 за македонското земјоделство и руралниот развој се планирани 15 милиони евра, со кои првпат ќе се финансира и секторот шумарството. Парите ќе се искористат за воспоставување шумарски информативен систем, што е важно за одржливо стопанисување со шумите, креирање на политиките за приближување на македонското шумарство кон современите текови и обезбедување податоци клучни за развојот на овој сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

