Економија
Договорот за концесија е склучен во 2015, кога Анѓушев не бил функционер, реагираат од Владата
По којзнае којпат на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ беа изнесени неточни информации, односно невистини преку кои неуспешно се прави обид да се наруши угледот на Владата, на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев, велат од владината прес-служба како реакција на обвинувањата на портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски, кој денеска кажа дека Заев му доделил државно земјиште на Кочо Анѓушев.
Од прес-службата на Владата велат дека ВМРО-ДПМНЕ изгледа изгубено, безидејно и надвор од сите етички и правни норми.
„Би сакале на јавноста да ѝ ја презентираме вистинската слика. Претседателот на Владата, Зоран Заев, не му дал согласност на Анѓушев да гради нова мала хидроцентрала, договорот за концесија врз основа на кој е добиен долготрајниот закуп за државното земјиште е потпишан во 2015 година, врз основа на тендерска постапка, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и кога Кочо Анѓушев не бил функционер“, се наведува во соопштението.
Од Владата им порачуваат на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ пред да држат прес-конференции претходно да ги прочитаат законите и подзаконските акти врзани за темата.
„Уште еднаш ќе ги упатиме да се консултираат и со претседателот на партијата, Христијан Мицковски, кој преку уделот во концесионерот ‘Минка-енерготек’ добил долготраен закуп од претходната Влада за неколку од изградените хидроцентрали и добро е запознаен со административните процедури во целата постапка на давање на концесија, изградба и ставање во функција на една мала хидроцентрала“, стои во владиното соопштение.
„За јавноста повторно ќе напоменеме да не потпаѓа под лажните обвинувања и скандали, дека станува збор за строго дефинирани права и обврски од договорите за концесија, донесувањето одлука за долготраен закуп на државно земјиште е право со кое се стекнува секој концесионер, во случајот МХЕ ‘Тополки’ ДОО Скопје, кој има потпишано договор за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали. Нема ништо незаконско во донесената одлука, а уште помалку, пак, некаков судир на интереси внатре во Владата на Република Македонија“, потенцираат од владината прес-служба.
„Судир на интереси е кога поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски, ќе даде согласност на својот советник за енергетика, сегашен претседател на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицковски, да изгради мали хидроцентрали преку компаниите во кои тој има удел. Ова меѓудругото не беше објавено транспарентно туку беше откриено неколку години подоцна“, додаваат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

