Регион
Европа бара од Бугарија да спаси од пропаѓање објект од комунистичкиот период
Бузлуџа е брутален бетонски споменик подигнат пред 40 години во слава на комунизмот и како летечка чинија се издигнува на врвот од една бугарска планина. Невообичаената кружна зграда веќе две децении е препуштена на пропаѓање и вандализам бидејќи Бугарија настојува да го заборави своето комунистичко минато.
Западните експерти, сепак, сакаат да го зачуваат споменикот.
Структурата висока 70 метри e направена од 70.000 тони бетон, 3.000 тони армиран челик, 40 тони стакло и изгледа како да лебди на 1.440 метри надморска височина во центарот на Бугарија.
Внатре е сместена широка церемонијална сала, која може да собере 400 луѓе. Од подот до покривот салата e прекриена со мозаик на кој е претставена историјата на Бугарската комунистичка партија.
Отворена во 1981 година, по падот на железната завеса, зградата е оставена празна и препуштена на забот на времето.
За време на Студената војна бугарските комунисти тврделе дека црвената ѕвезда на врвот од кулата може да се види од Романија на север и Грција на југ.
„Со својот брутален стил овој објект е изворно архитектонско достигнување на 20 век“, вели Лорен Леви-Строс, шеф на Федерацијата за културно наследство „Европа ностра“ и поранешен официјален претставник на УНЕСКО.
За британскиот архитект Грахам Бел, Бузлуџа е неверојатна градба, крајно импресивна, која сега е во неверојатно тажна состојба.
„Споменикот е дел од европското културно наследство, а поголемиот дел од Европа не знае дека постои“, вели Бел.
Во „Европа ностра“ се убедени дека зградата може да се спаси. Тие бараат итна акција за запирање на пропаѓањето и објектот да се прогласи на заштитен национален споменик, што ќе овозможи користење на европските фондови за реконструкција.
„Добро е што Европа се грижи бидејќи Бугарија не се грижи“, вели авторот на споменикот, 89-годишниот архитект Георги Стоилов.
Локалните власти, кои располагаат со ограничен буџет, никогаш не сметале дека Бузлуџа има некоја вредност во која е важно да се инвестира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

