Македонија
70 жени убиени во земјава, најчесто од страна на нивните партнери
Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани во сите сфери на живеење и нивните права не се почитуваат. Ова е главната порака што македонските невладини организации ја изјавија во Женева пред Комитетот на Обединети нации задолжен за следење на имплементацијата на Конвенцијата за елиминација за сите форми на дискриминација кон жените од страна на Република Македонија.
Претставничките од невладините организации во Македонија, изјавија пред Комитетот, дека во периодот од 2008 до 2016 година, 70 жени се убиени во земјава, од кои што 51 е жртва на фемицид, односно е убиена само затоа што е жена. А 80% од нив се убиени од интимен партнер. Тие потенцираа дека државата потфрли да обезбеди заштита на жртвите на родово базирано насилство.
Пристапот до здравствена заштита и услуги за жените останува ограничен, особено пристапот до безбеден и законски абортус и контрацепција. Позицијата на жените на пазарот на трудот е повеќе од алармантна. „Во Македонија 65% од неактивната популација на пазарот на труд се жени што во најголема мера се должи на неплатената домашна работа на жените. Особено загрижувачка е состојбата со текстилните работнички кои се соочуваат со континиурано прекршување на нивните работнички права и погазување на достоинството” – истакнаа невладините организации.
Пред Комитетот исто така имаше претставничка од организацијата на сексуални работнички која истакна дека 68% од нив преживуваат насилство поради нивната работа и се соочуваат со ограничен пристап до здравство, социјални услуги и правна заштита. По заминувањето на Глобалниот фонд од Македонија и преземањето на финансирањето на програмите за превенција од ХИВ помеѓу сексуалните работници, државата не обезбедува средства за правна помош на сексуалните работници и бесплатни гинеколошки услуги, што влијае врз нивното сексуално и репродуктивно здравје и права.
Лезбејките, бисексуалките и трансродовите (ЛБТ) луѓе сè уште се на маргините во нашето општество. Претставниците изјавија: ,,Државата потфрли во истрагата на кривичните делата од омраза и говорот на омраза насочени кон ЛБТ-луѓето и тоа придонесе за зголемување на насилството. ЛБТ-луѓето во Македонија немаат доверба во институциите и многу ретко го пријавуваат насилство или дискриминација, а тие кои пријавиле биле дополнително дискриминирани од страна на службениците”. Исто така беше потенцирано дека младите ЛБТ-луѓе секојдневно преживуваат врсничко насилство поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет.
Ромките се соочени со повеќекратна дискриминација, и како жени и како Ромки, со ограничен пристап до правата загарантирани со Конвенцијата. Загрижува фактот дека сè уште има Ромки незапишани во матична книга на родени, без регулиран граѓански статус и престој, кои не поседуваат важечка лична документација. „Особено сме засегнати од ограничениот пристап до образование, вработување и самовработување, адекватно домување и квалитетна здравствена заштита, посебно во делот на репродуктивно здравје” – изјавија претставничките присутни на сесијата на Комитетот.
Жените од руралните средини се невидливи и заборавени од страна на државата. Социјалната исклученост, невработеноста, родовата дискриминација, нееднаквата распределба на ресурси, доминација на традиционалните норми, неостварување на правото за сопственост на земјоделски имот и породилно отсуство, ограничен пристап до едукација, информација, здравствени и социјални услуги, беше истакнато од невладините организации пред Комитетот.
Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации се состанува на секои 4 години каде што се разгледува имплементација на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација кон жените. Конвенцијата е ратификувана од Република Македонија во 1994 година. Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените е усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година. Често опишувана како меѓународен закон за правата на жените, оваа Конвенција го дефинира значењето на дискриминацијата врз жените и утврдува правни обврски за земјите членки да стават крај на таа дискриминација.
Претставниците од Владата на Република Македонија ќе се обратат в четврток, 1 ноември, на сесијата за преглед на спроведувањето на Конвенцијата од страна на Република Македонија со почеток од 10 часот. Целосната сесија може да се следи во живо на webtv.un.org
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

