Економија
(Видео) Арсовски: 58 милиони евра ново задолжување, без основ и без никакво покритие
Власта на СДСМ, Зоран Заев и Тевдовски не запираат со прекумерното задолжување на Република Македонија и на граѓаните. СДСМ денес ја задолжува државата и граѓаните за нови 58 милиони евра. Без основ и без никакво покритие, без најавени проекти, без најава зошто ќе се трошат тие пари, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, власта го зголемува јавниот долг и без да има потреба од финансирање на буџетски дефицит, тоа го заклучи Меѓународниот монетарен фонд во последниот извештај објавен во врска со буџетот и буџетската транспарентност во Република Македонија.
„Задолжувањето како инструмент на финансирање е оправдано само ако со него се финансира дефицит или капитални инвестиции кои, за жал, во Република Македонија се премногу ниски. Власта во Македонија не го прави ниту едното, ниту другото. Нивото на реализација на капитални инвестиции за девет месеци е очајни 27%, односно за три 3/4 од годината реализирана е само 1/4 од капиталните инвестиции. Ова не е лошо почитувани, од ова полошо не може, ова е најлошо.
Нема 600 километри нов автопат, нема 550 километри магистрални патишта, нема 1 100 километри нови локални патишта. Запрена е изградбата на клиничките центри во Скопје и Штип, а пролонгирани се сите инфраструктурни проекти кои останаа од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.Оттука се поставува логичното прашање на што тогаш се трошат милионите од задолжувањата кои треба да ги враќаат идните генерации? Каде завршуваат милионите кои власта секој месец ги зема на заем?“, изјави Арсовски.
„Како резултат на ваквото неодговорно и расипничко однесување на СДСМ јавниот долг одамна ја проби психолошката граница од над 5 милијарди евра, додека, пак, државниот долг ја надмина границата од 4 милијарди евра. Со вакво темпо на неодговорно и без покритие задолжување власта ја турка државата кон инсолвентност. Дека темпото на задолжување зазема огромни размери говори и фактот што јавниот долг во вториот квартал од годинава во однос на првиот квартал се зголемил за 0.6%, за само три месеци оваа расипничка власт го зголеми долгот што ќе го враќаат идните генерации за 0.6%. Ова енормно брзо темпо на задолжување мора уште веднаш да запре. СДСМ и Заев мора веднаш да си заминат. Македонија мора да се врати на вистинскиот пат“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%

