Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Кој ги штити бруталните убијци кои ликвидираа две лица среде Скопје?
Кој ги штити бруталните убијци кои со „калашникови„ ликвидираа две лица среде Скопје пред точно еден месец? Уште тогаш кружеше дилемата дека две лица од безбедносните служби, па дури и врвот на МВР им помогнале на ликвидаторите да избегаат од лице место исто како што избега и убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев во изминатиот период.Ова беше толкувањето зошто МВР не направи обрач околу сторителите. Ова толкување сè повеќе добива на сила, особено еден месец подоцна кога не само што не се уапсени сторителите, туку не е соопштен ниту нивниот идентитет и ниту, пак, има информација дека по нив има потерница, ни внатрешна, ни меѓународна, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, еден месец подоцна Оливер Спасовски не понесува одговорност за нарушената безбедност, а убијците се слободни и секој од нас може да биде нивна наредна цел.
,,Во Македонија царува криминалот. Убиства, престрелки, насилство на улиците станаа наше секојдневие од денот кога СДСМ ја презеде власта во Република Македонија. Коалицијата на СДСМ со криминалното подземје продолжи, а цената за концесиите на Заев кон подземјето ја плаќаат, за жал, нашите граѓани неретко и со своите животи. Неработењето на Спасовски, кој наместо да го гони го помага криминалот, е ветер во грб за шерифите кои своите меѓусебни престрелки ги пренесоа на улиците ширум нашата држава.
Цел месец МВР на чело со Спасовски не може да идентификува кој се возеше со зелениот „лендровер“, кобната ноќ на 29 септември кога во мафијашки стил свирепо беа убиени две лица, а едно лице остана тешко повредено среде Скопје. Спасовски цела година не може да го пронајде ниту убиецот на фудбалерот Мартин Јанушев, кој беше исто така застрелан пред својот дом. Правдата не е задоволена ни во случајот со убиството на младиот Саздо, кој крвнички беше претепан додека чекаше автобус”, ддаде тој.
Според Ѓорѓиевски, граѓаните не се чувствуваат безбедно. На родителите им е страв со своите деца да излезат надвор на улиците. Безбедносната состојба во Македонија е целосно нарушена. Спасовски мора да понесе одговорност за оваа состојба. Најмалку што може тој во моментот да направи е да си понесе неотповиклива оставка, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

