Македонија
Кривичен за најмногу 9 дена ќе одлучи дали Груевски дефинитивно ќе оди во Шуто Оризари
Во кривичниот суд во Скопје денеска пристигнало барањето за одложување на почетокот за издржување на затворската казна за осудениот Никола Груевски поднесен на 29 октомври од страна на петчлениот адвокатскиот тим на експремиерот. Согласно со Кривичниот законик, судијата за извршување на санкцијата по ова барање има рок од три дена да одлучи дали ќе го прифати или одбие барањето. Доколку тоа не биде прифатено, одбраната на Груевски има рок од нови 3 дена да поднесе жалба до Кривичниот совет, кој има уште 3 дена да се произнесе по новата жалба.
Одлуката на Советот е правосилна, односно тој решава дали поранешниот премиер ќе мора да замине во затвор до дадениот рок, кој завршува на 8 ноември. Претседателот на кривичен, Иван Џолев, рече дека го има на увид барањето, но не ги прочитал причините за кои Груевски бара одложување на извршувањето на казната.
Врховниот суд е последната шанса за обвинетиот Груевски целосно да не ја издржи казната затвор поднесувајќи вонреден правен лек, односно преиспитување на правосилната одлука, но ова не го одложува одењето во затвор. За ова тој ќе мора да почека да истече рокот за жалба на првостепената пресуда за „Тенк“ кој го има поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бидејќи доказите против двајцата се наоѓаат во една иста папка која не може во исто време да се наоѓа и во Апелацискиот и во Врховниот суд. Јанкулоска пресудата за „Тенк“ во писмена форма ја добила на 22 октомври од кога тече рокот од 15 дена за поднесување жалба до второстепениот суд.
Претседателот на кривичен информираше дека како можна опција за да се избегне одолговлекување на постапката до Врховниот суд и за на Груевски да не му се ускрати правото на користење вонредни правни лекови, можно е да се направи копија од целиот предмет и со тоа да се овозможи папките со докази во исто време да се најдат и во рацете на второстепениот суд кој ќе треба да постапува по жалбата на Јанкулоска, како и пред врховните судии кои ќе треба да одлучуваат за барањето на Груевски.
Доколку Врховниот суд ја укине пресудата, предметот се враќа на повторено судење, а со тоа и се прекинува и издржувањето на затворската казна.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

