Економија
Македонија 10-та во светот во извештајот „Дуинг бизнис“
Светската банка во извештајот „Дуинг бизнис“ за 2019 година ја рангира Македонија на високото 10. место во светот, односно на 5. место во Европа според условите за водење бизнис во конкуренција од 190 земји. Во однос на претходната година позицијата на Македонија е подобрена за едно место.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека за бизнисот е важно подобрувањето на регулативата што го забележува овој извештај, но уште поважни се политиките што ги спроведува Владата за фер третман на фирмите.
„За разлика од порано, не постојат политички притисоци врз бизнис-секторот. Повратот на ДДВ се врши технички без селективност и бргу. Имаме поддршка за домашните бизниси. Ова покажува дека за нас е битно приватниот сектор да има еднакви и фер можности за да оди напред. Работиме и на регулативата за поповолна клима за инвеститорите. Финално она што е многу важно за инвеститорите се преспективите за приклучување кон ЕУ и НАТО. Интеграција на земјата во НАТО заедно со добро рангирање на ‘Дуинг бизнис’ ќе биде најголема поддршка и придонес за пододбрување на привлекувањето инвестиции во Македонија“, рече Тевдовски.
Десетото место ја рангира Македонија како убедливо најдобра земја во регионот за водење бизнис, пред Словенија, Турција, Косово, Србија, Црна Гора, Романија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Грција и Босна и Херцеговина. Македонија е исто така рангирана пред 26 земји членки на ЕУ. Пред Македонија на глобално ниво се наоѓаат единствено Нов Зеланд, Сингапур, Данска, Хонг Конг, Јужна Кореја, Грузија, Норвешка, САД и Велика Британија.
Во извештајот „Дуинг бизнис“ за 2019 година Македонија е посочена како една од земјите што во континуитет работат на подобрување на деловното окружување. Притоа, особено се истакнати преземените мерки за издавањето дозволи за градба, односно намалувањето на таксите за дозволи за градба.
Македонија е најдоброрангирана во индикаторот „Заштита на малцински инвеститори“, каде што е позиционирана на 7. место во светот, а висок ранг има и кај индикаторите „Пристап до кредити“ (12. место), како и кај „Условите за дозволи за градба“ (13. место).
Оценувањето за извештајот се однесува на периодот од средината на 2017 до средината на 2018 година, односно е со пресечен датум 1 мај 2018, а се базира на информации добиени од државните институции и приватниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

