Економија
30 милиони евра од Светската банка за унапредување на човечкиот капитал

Денеска почна реализацијата на проект во вредност од 30 милиони евра од Светската банка за унапредување на човечкиот капитал. Станува збор за проектот за подобрување на социјалните услуги.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, вели дека со овој проект ќе се зголеми опфатот на децата во градинките и ќе се овозможат подобри социјални услуги и инклузија.
,,Опфатот на децата во градинки во Македонија e речиси 30 отсто. Владата има цел опфатот да изнесува 50 отсто. Новиот проект со Светската банка за подобрување на социјалните услуги несомнено ќе даде голем придонес во тоа. Проектот е насочен кон подобрување на претшколското образование, зголемување на неговиот опфат, како и подобрување на квалитетот на социјалната и детската заштита“, рече Тевдовски на денешната конференција ,,Поттикнување економски раст преку развој на човечкиот капитал во земјите од Западен Балкан“.
Според Линда ван Гелдер, регионален директор на Светската банка за Западен Балкан, владите играат клучна улога во креирањето еднакви можности за сите граѓани.
„Многу сум задоволна што Владата избра да соработува со Светската банка за да ги зајакне инвестициите во човечкиот капитал. Неодамна одобрениот проект за подобрување на социјалните услуги ќе ги прошири снабдувањето и подобрувањето на пристапот до добро насочени социјални бенефиции и услуги за образование во раното детство. Тоа ќе ја зајакне испораката на услуги за социјална и детска заштита. Овој комбиниран пристап ќе ги подобри интеграцијата и вклучувањето на ранливите деца. На крајот на краиштата, овие услуги ќе го отворат патот за развој на поконкурентни и поспособни граѓани и ќе придонесат кон затворање на празнините во можностите и социјалната инклузија за сите“, истакна Гелдер.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, вели дека со проектот за подобрување на социјалните услуги ќе се постигнат значајни резултати што се во согласност со тековната реформа за социјална заштита и заштитата на децата.
„Ќе ги зголемиме пристапот и квалитетот на социјалните услуги вклучувајќи ги и предучилишните услуги. Ќе создадеме дополнителни 7.500 нови места во предучилишните установи преку изградба на нови објекти и пренамена на постојни јавни објекти како во урбаните така и во руралните подрачја. Со проширувањето на мрежата на предучилишни установи ќе го зголемиме опфатот на деца од 3 до 6 години во предучилишните установи на 46,5 отсто“, вели Царовска.
Со имплементацијата на проектот се очекува и повеќе од 3.000 корисници да имат бенефит од новите вониституционални социјални услуги обезбедени на локално ниво.
Министерот за финансии, Тевдовски, нагласи дека во новата стратегија за соработка со Светската банка има и други нови проекти за унапредување на човечкиот капитал во земјата.
„Тука е проектот за примарна здравствена заштита. Тој ќе биде насочен кон реформи и инвестиции во примарниот здравствен сектор. Тука се и проекти за јакнење на вештините, претприемаштвото, проекти од социјалата и животната средина. Вкупната вредност на проектите од стратегијата е околу 400 милиони долари и треба да се спроведе во наредните 4 години“, информира тој. Денеска беа одбележани 25 години од соработката со Светската банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески на средби со ММФ: Мерките на Народната банка придонесуваат за постепено намалување на инфлацијата и задржување на финансиската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ. На средбите присуствуваше и министерската за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик, заменик-директорите Марникс ван Рај и Владислав Рашкован и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.
На средбите, високите претставници на ММФ го поздравија приклучувањето и реализацијата на првите трансакции во СЕПА, како и потпишувањето на Писмото на намери со Банката на Италија за развивање на клон на ТИПС системот на ЕЦБ за земјите од Западен Балкан за натамошна модернизација и овозможување инстант плаќања во домашните, меѓусебните прекугранични плаќања и плаќањата со другите земји во СЕПА.
На средбите се разговараше за најновите макроекономски случувања во земјата, како и за очекувањата за идните движења. Славески истакна дека Народната банка е цврсто посветена на одржувањето на ценовната стабилност, за што се осврна на мерките преземени од страна на централната банка во насока на остварувањето на оваа цел. Дополнително, гувернерот ги образложи новите макропрудентни мерки донесени од страна на Народната банка насочени кон понатамошно одржување на финансиската стабилност.
Претставниците на ММФ посочија дека прудентната монетарна политика што ја спроведува Народната банка придонесува за ефективно управување со ризиците и постепено намалување на инфлацијата, при што создава услови за стабилен економски раст, што се потврдува и со најновите проекции на ММФ за македонската економија, со очекуван растот годинава од 3,4%, а за следните години одржување на нивото околу 3%. Истовремено, инфлацијата се очекува во континуитет да продолжи да забавува и да се сведе на историското ниво од околу 2% на среден рок.
Во разговорите беше потврдена и континуираната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ. Во изминатиот период, преку техничките мисии на ММФ беа реализирани повеќе активности за модернизација на монетарните операции, подобрување на проекциите за ликвидноста на банкарскиот систем и зајакнување на супервизорските капацитети на Народната банка. Со тоа се зголеми ефикасноста и предвидливоста во спроведувањето на монетарната политика, како и отпорноста на банкарскиот систем на потенцијални ризици. Соработката со ММФ ќе продолжи и во наредниот период, со цел понатамошно усогласување со меѓународните стандарди и унапредување на аналитичките и оперативните капацитети на Народната банка.
Економија
Ѓорѓиевски: Регионалниот пристап за земјите од Западен Балкан е можност за раст на економиите и подобро позиционирање на европскиот пазар

Делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија учествуваше на дводневната престижна конференција во Будва, Република Црна Гора организирана по 14 пат од страна на Стопанската комора на Црна Гора. Во рамките на конференциите ЕЕN – IFNNO на која покрај презентациите за европските проекти се остварија значајни контакти на групацијата за проекти при ССКМ со потенцијалните партнери и донатори од Европската Унија за идна соработка.
На маргините од првиот ден претседателот на ССКМ , Горан Ѓорѓиевски со делегацијата оствари средба со министерот за земјоделство, шумарство и води на Црна Гора, Владимир Јоковиќ. На средбата се потврди подготвеноста за соработка во aгро сегментот, заедничка соработка и споделување на искуства во развојот на руралниот туризам како неискористен потенцијал на двете земји. Се искажа подготвеност за заедничка соработка во аплицирањето на европските проекти како и соработката во споделување на искуства од страна на ССКМ со министерството за земјоделиe, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора.
Претседателот на ССКМ Ѓорѓиевски истакна дека идниот период потребно е двете земји да се фокусираат за зголемување на меѓусебната економска размена, развој на aгро сегментот, фокус на aгро и екотуризмот кој ќе доведе до успорување на миграцијата и намалување на притисокот во делот на човечките ресурси.
Покрај излагањето на врвни експерти за економија на конференцијата кои ги трасира идните чекори кон раст на регионот, на маргините од вториот ден Ѓорѓиевски оствари средба со претседателката на стопанската комора на Црна Гора, Нина Дракиќ, на која се предложија поголем број од иницијативи за развој на човечките ресурси како клучен елемент на идниот развој на бизнисите на двете земји, организирање на В2В состаноци во најзначајните економски сектори на двете земји, заеднички настап на европски проекти како и зајакнување на регионалниот пристап како клуч на успехот за економии на двете земји.
Ѓорѓиевски на средбата истакна дека во периодот пред нас потребно е да се изградат уште поцврсти мостови на соработка помеѓу двете бизнис комори во повеќе економски гранки од кои во следните години се очекува најзначаен удел во Бруто домашниот производ на Република Македонија и Република Црна Гора.
Економија
Електродистрибуција ја зајакнува нисконапонската мрежа со инвестиции над 10 милиони евра

Екипите на Електродистрибуција, во првите 6 месеци од 2025 година, успешно реализираа повеќе инфраструктурни проекти насочени кон модернизација и подобрување на нисконапонската мрежа.
Главниот фокус на овие активности е зголемување на стабилноста на системот, намалување на загубите и воведување современи решенија во управувањето со дистрибутивната мрежа.
Во рамки на проектите беа поставени 135 километри нова нисконапонска мрежа, заменети старите столбови и проводници, како и инсталирани нови далечински уреди за мерење на нови локации.
Вкупната вредност на инвестициите за овој период изнесува 10,4 милиони евра, додека дополнителни 2 милиони евра се планирани до крајот на 2025 година. Со овие инвестиции, Електродистрибуција ја зајакнува дистрибутивната мрежа и поставува уште постабилна основа за понатамоштен развој на енергетскиот систем.
ПР