Македонија
РСБСП со совети – како да реагирате во сообраќај кога ќе чуете сирени
Дали да застанете или да забавите? Каде да се подзакриете во случај на сообраќаен метеж?И најважно – како да не одмогнете?
Метежот во сообраќајот е фрустрирачки за многу возачи.Замислете како се чувствуваат возачите на Итната медицинска помош додека транспортираат пациент кој се бори за живот. Од тука проблематиката, односно темата која значи пропуштања на возилата со право на првенство на минување, во кои влегуваат возилата на службите на брза помош, полициските возила, возилата на противпожарните служби и возилата на Армијата на Република Македонија заслужуваа посебно внимание.
Пропуштањето на возилата со право на првенство на минување кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци е законска, етичка и хумана обврска на секој учесник во сообраќајот. Согласно тоа , РСБСП со совети како да постапите, како одговорен возач, во случај да се најдете во ситуација да го делите сообраќајот со возилата со право на првенство на минување:
- чекор – лоцирајте го возилото!
Кога ќе слушнете сирена (звучни знаци), прво и основно не треба да ве фати паника. Бидете смирени и обидете се да откриете од кој правец доаѓа звукот. Исклучете ја музиката и отворете го прозорецот. Логично доколку се зголемува звукот значи дека возилото доаѓа спрема вас, меѓутоа мора да утврдите дали доаѓа позади вас, од напред или од страна.
2. чекор – анализирајте ја состојбата!
Понекогаш се наоѓате во густ сообраќај без место за поместување. Токму затоа би требало да почнете да ја анализирате ситуацијата штом ја чуете сирената. Вашата реакција зависи од многу фактори вклучувајќи ја одделеченоста на возилото со право на првенство на премин, брзината на приближувањето, однесувањето на другите возачи, типот на патот, можноста за безбедно отстранување на вашето возило итн.
На вас останува да ја донесете вистинската одлука во вистинскиот момент. Овде не е во прашање само законот. Со вашата реакција можете да го спасите животот на некое дете, сестра, мајка, татко…
3. чекор – реагирајте!
Доколку се наоѓате на отворен пат, без многу сообраќај, дозволете му на возилото со право на првенство на минување полесно да ве заобиколи, така што ќе ја намалите брзината и максимално ќе се поместите во десно. Доколку сообраќајот е густ, обидете да најдете место да застанете на страна.
Меѓутоа во градскиот метеж ситуацијата е неспоредливо покомплицирана – не постои универзален совет. Морате да реагирате во согласност со околностите.
Направете што е потребно да го пропуштите возилото со право на првенство на минување, а притоа да не се загрозите себеси или другите учесници во сообраќајот.
На автопат само ослободете ја левата лента – тоа ќе биде доволно.
4. чекор – гледајте го возачот и внимавајте на неговите сигнали!
Кога ќе се најдете во ситуација да не знаете како да реагирате при средбата со возило со право на првенство на минување, воспоставете визуелен контакт со возачот и следете ги неговите упатства.
Што не треба да правите?
Без нагло сопирање!
Кога ќе го забележите возилото со право на првенство на минување зад себе најлошо што може да направите е ненадејно да запрете, што неретко и се случува. Така ризикувате да предизвикате судар, а истовремено и да го забавите возилото со право на првенство на минување.
Без изненадувачки маневрирања!
Однесувајте се како во секоја друга ситуација во сообраќај – пуштете трепкач на време или вклучете ги сите четири доколку планирате да застанете. Возачот на возилото со право на првенство на минување ќе знае да го почитува вашето навремено известување за вашите намери, што и да планирате да направите.
Не паничете! Паниката може само да ја влоши ситуацијата. Според тоа кога ќе чуете сирени зад себе, длабоко вдишете и проценете ја ситуацијата. Доколку можете да помогнете да помине возилото со право на првенство на минување, направете го тоа – доколку не можете, останете смирени и чекајте прва можност да го направите тоа.
Не правете нов проблем!
Со целата своја волја, постои веројатност во обидот да го пропуштите возилото со право на првенство на минување, да предизвикате сообраќајна незгода, па така наместо да помогнете, дополнително да ја искомплицирате ситуацијата. Затоа, обидете се сè што ќе преземате да биде апсолутно безбедно, па дури и ако тоа значи моментално забавување на возилото со право на првенство на минување.
На пример, автомобил стои на семафор со црвено светло, ненадејно зад него се појавува возило на Итна помош, возачот, ако го фати паника, ќе помине на црвено и со тоа ќе предизвика сообраќајна незгода.
Исто така, доколку на отворен пат без место за застанување и можност за престигнување, почнете да возите многу брзо за да дојдете до место на кое може да се поместите постои можност да ја загрозите безбедноста во сообраќајот. Затоа бидете внимателни.
И сантиметар значи!
Возачите на Итна помош се искусни и вешти „борци“ кои ќе знаат да го искористат секој сантиметар што ќе им го обезбедите со поместување на вашето возило. Доколку сте во можност да им го обезбедите тој сантиметар, напревете го тоа. Сообраќајните ленти се доволно широко направени, така што со поместувањето на возилата од двете страни би се обезбедила уште една лента на средина за возилата на Итна помош или противпожарната служба.
Возилата на службата за брза помош, на противпожарната служба, на полицијата и на Армијата на Република Македонија, кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци, имаат право на првенство на минување во однос на сите други возила освен во однос на возилата под придружба и возилата што се движат низ крстосница на која сообраќајот е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци на униформиран полициски службеник, под услов да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

