Македонија
(Видео) Ниту една банка не може да има банкноти со последователни броеви како оние што се најдени кај Бошкоски, вели Кратовалиев
Денешната снимка, каде што се бројат парите пронајдени кај Љубе Бошкоски, има поврзаност со случајот „Кампања“ за кој беше осуден лидерот на Обединети за Македонија. Денеска видовме откриен материјал што сè се случувало. Досега немавме можност да го видиме ова. Ова е скриен материјал од депониите на МВР, кој би фрлил сосема поинаква слика на случајот „Кампања“, вели адвокатот на Љубе Бошкоски, Константин Кратовалиев, за „Макфакс“.
„Можевме да видиме дека се бројат апоените на банкнотите, се гледа дека сите 1.000 банкноти од 100 евра се со последователни броеви, што ниту една банка во Република Македонија не може да има банкноти од 100 евра и сите да бидат со сериски броеви еден по друг, тоа може само да го има емисионата банка“, вели Кратовалиев.
„Од друга страна, можеше да се забележи дека при броењето на парите лицата од крим-техниката ги фаќаа парите со рацете, а ние во случајот имавме вештачење од МВР, каде што се тврдеше дека на новчаниците нема папиларни линии, освен на две женски лица, што е невозможно, од видеата очигледно е дека барем 3 машки лица ги фаќаа парите. Тоа значи дека имаме целосна разлика помеѓу она што ни беше презентирано како вештачење од страна на Обвинителството во фазата на „Тортура“ и она што сега имаме можност да го видиме од снимките и неразбирливо е зошто материјалот е криен“, рече адвокатот на Бошкоски.
Тој не сакаше да коментира дали случајот „Кампања“ е наместен, односно дали парите што се пронајдени кај Бошкоски се на МВР, но истакна дека во наредните рочиште ќе има шанса да се видат и другите видеа поврзани со предметот што би било показател кон тоа дали предметот „Кампања“ е монтиран.
„Другиот дел од снимките исто така не би ги коментирал да не навлезам во овој предмет, но очигледно е дека е скриен материјал што би дал сосема поинаква слика во самиот предмет „Кампања“, кој би можел да биде користен од одбраната и кој од неразбирливи причини не е изнесен. Зошто, кој го криел и како го криел е сосема друго прашање, кое треба да се испита“, рече Кратовалиев.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

