Економија
Усвоени кварталниот извештај и макроекономските проекции за периодот 2018-2021 година
Советот на Народната банка на Република Македонија денеска ја одржа редовната седница на која беа разгледани и усвоени најновиот квартален извештај и макроекономските проекции до 2021 година, соопштија од НБРМ.
„Во текот на третото тримесечје годинава оснзвната каматна стапка беше намалена од 3 на 2,75 отсто одразувајќи ги здравите економски основи и отсуството на нерамнотежи, а видливи преку континуираните поволни движења на девизниот пазар, солидната надворешна позиција и стабилните очекувања на економските субјекти. Во однос на последните макроекономски проекции, во рамките на извештајот се упатува на одредени промени во споредба со априлската проекција“, се наведува во соопштението на НБРМ.
Од Народната банка додаваат дека очекувањата за растот за 2018 година се ревидирани во надолна насока, од 3,2 отсто очекуван раст во април на 2,3 и овие промени, како што посочија од НБРМ, главно произлегуваат од остварувањата во првата половина од 2018 година кога економијата забележала понизок раст од очекуваниот, пред сè, како одраз на падот на инвестициите. Од друга страна, велат од НБРМ, и во рамките на овој циклус проекции задржани се оцените за раст од 3,5 отсто во 2019 година, со понатамошно негово забрзување на 3,8 и 4 отсто во 2020 и 2021 година.
„За овој период на проекции се задржуваат досегашните претпоставки за раст што главно произлегува од извозот и инвестициите и покрај малку понеповолниот надворешен амбиент, кој главно се должи на малку понискиот раст на странската побарувачка и на зголемените ризици за светската економија во споредба со претходните согледувања.
Главни фактори за растот и натаму се активностите на новите индустриски капацитети ориентирани кон извоз, странските инвестиции, како и јавните инвестиции во патната инфраструктура“, се додава во соопштението на Народната банка на Република Македонија.
Во поглед на структурата на растот, од банката велат дека се очекува оти домашната побарувачка ќе продолжи да има најголем придонес кон растот во периодот на проекции со исклучок на 2018 година кога значителен позитивен придонес ќе има нето-извозот. Во поглед на идната патека на движење на цените во домашната економија, пак, од НБРМ посочуваат дека најновите проекции упатуваат на задржување на амбиентот на стабилни цени и отсуство на позначителни инфлациски притисоци.
Кај проекцијата на инфлацијата направена е надолна корекција за 2018 година, односно стапката на инфлација е ревидирана на 1,6 отсто (наспроти 2 отсто во априлските проекции), главно поради тековно пониските остварувања. Се очекува стапката на инфлација во 2019 година да изнесува 2 отсто, исто како во претходниот циклус проекции, а динамиката на раст на домашните цени од речиси 2 отсто се очекува да се задржи до 2021 година, наведуваат од НБРМ.
И во рамките на овој циклус проекции во кварталниот извештај се посочува на задржување на досегашните оценки за поволна и стабилна надворешна позиција, со низок дефицит во тековната сметка и долгорочни извори на финансирање доволни за покривање на дефицитот и дополнителна акумулација на девизни резерви. Оценетиот дефицит на тековната сметка за 2018 година изнесува 0,5 отсто од БДП, а на среден рок тој се очекува во просек да изнесува 1,6 остсо од БДП, велат од Народната банка.
Оттаму информираат и дека показателите за адекватност на девизните резерви покажуваат дека тие ќе се задржат во сигурната зона во текот на целиот период на проекции, а кредитната активност на банкарскиот сектор и натаму се оценува како важен фактор на поддршка на економскиот раст.
„За 2018 година, во согласност со остварувањата од почетокот на годината, направена е нагорна корекција кај кредитите на приватниот сектор, при што кредитниот раст е проектиран на 8,4 отсто наспроти 6,5 отсто со априлските проекции. За 2019 година се очекува слична динамика на раст на кредитната активност од 8,5 отсто (7,7 отсто во априлската проекција), а за наредниот период, заклучно со 2021 година, кредитниот раст во просек се очекува да изнесува 8,4 отсто“, стои во нивното соопштение.
Од НБРМ велат дека оцените за забрзување на кредитниот раст се засноваат на претпоставките за стабилни очекувања, раст на депозитниот потенцијал на банките, како и на засилена економска активност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

