Македонија
Скопје се гуши, невладините со петиција бараат итни мерки за почист воздух
По информациите дека жителите на градовите во Македонија дишат најзагаден воздух во Европа, невладините организации бараат итно спроведување на мерки насочени кон трајно справување со овој проблем. Во последните неколку дена граѓаните се мобилизираат на социјалните мрежи и даваат предлози за решавање на аерозагадувањето, користејќи го #СкопјеДише.
,,За време на првата конференција за аерозагадување организирана од страна на Светската здравствена организација, која се одржуваше од 30 октомври до 1 ноември, беше објавено дека жителите на градовите во Македонија дишат најзагаден воздух во цела Европа. Поточно, се најдовме на врвот на листата со воздух кој има највисоки дневни и годишни концентрации на ПМ10 и ПМ2,5 честички. Според истиот извештај на ЕУ за квалитетот на воздухот во Европа од 2018 година, ПМ2,5 честичките се виновни и за 3000 прерани смртни случаи годишно во нашата држава”, соопшти невладината организација „Екосвест“.
Како граѓанска организација која веќе 16 години работи во секторот животна средина во земјата и лично како жители на град Скопје, тие велат дека овие бројки се трагични.
,,Сметаме дека повеќе нема време да зборуваме и преговараме за какви и кои мерки би се преземале за да почнеме да ја менуваме оваа, која за властите се чини безизлезна, ситуација. Од надлежните институции, во име на граѓаните на Скопје бараме нашето здравје да биде ставено највисоко на листата на приоритети кога се носат стратешки и плански документи, како и закони и подзаконски акти. Информираме дека започнавме и онлајн петиција, собраните потписи ќе бидат доставени до Град Скопје и МЖСПП. Бараме од Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање да започнат со ИТНА примена на краткорочни и среднорочни мерки насочени кон намалување на загадувањето на воздухот во градот”, соопшти организацијата.
„Екосвест“ бара:
1. Донесување на закон на ниво на Град Скопје со кој се забранува употребата на јаглен за загревање во домаќинствата
2. Ограничување на движењето на возила во централното градско подрачје (комплетно или делумно) и нов зимски сообраќаен режим за градот
3. Намалување на данокот на додадена вредност за топлинска енергија со што цената за централно греење значително би паднала и корисниците би се стимулирале да се вратат на мрежата.
4. Стимулирање на приклучување на зградите (нови и стари) кон централното градско греење преку делумно ослободување од трошоците за приклучокот
5. Подобрување и зголемување на јавниот транспорт во градот, воведување на нови ефикасни линии
6. Стимулации за вработените во институциите и компаниите за здружено користење на возила или користење велосипед/ одење пеш до работното место.
7. Ограничување на градежните активности и индустријата (времено во зимскиот период)
8. Строго санкционирање на палењето диви депонии и жетвени остатоци
9. Отворање фонд за животна средина
10. Отворање фонд за енергетска ефикасност за граѓаните
Во 2010 градот Скопје стана дел од сојузот на градоначалници за енергија и клима на ЕУ со кој вети дека ќе ги намали емисиите на CO2 на град Скопје за 21%. Во 2017 Македонија го ратификуваше и Парискиот договор и презема обврски за намалување на гасовите кои ги предизвикуваат климатските промени, а многу од нив се и причина за аерозагадувањето.
Глобалните апликации за следење на загадувањето синоќа го сместија Скопје на шестото место на листата најзагадени градови во светот. Најголемо аерозагадување покажа мерната станица кај Ректорат, со 240 пм10 честички на кубен метар, што е околу 5 пати над дозволеното.
Изутринава на истата станица загадувањето изнесува 157 пм2,5. Мерните станици во Лисиче и Гази Баба, кои важат за едни од позагадените реони во земјава, веќе подолго време не се во функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

