Македонија
Град Скопје: Загадувањето е над границата само во одредени временски интервали
Градот Скопје реагира на информациите кои изминативе два дена се објавуваа во јавноста околу загаденоста на воздухот во Скопје и рангот на истражувањето на глобалната апликација „Ер вижуал“ (Air Visual), како и напорите на градот за борба против загадувањето. Од Градот уверуваат дека во изминатиов период просечните вредности на загаденоста на воздухот не ги надминуваат граничните вредности, односно дека тоа се случува само во кратки временски интервали и на одредени локации, додека посочената апликација ги регистрира само највисоките вредности постигнати во одреден момент.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека Градот Скопје, во рамките на своите надлежности работи на системско решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, преку спроведување активности дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот, кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки. Од аспект на сообраќајот, Градот Скопје е во постапка на набавка на 40 нови еколошки автобуси, инвестиции во електромобилноста, како и во подобрување на инфраструктурата и на условите за користење на велосипедот како превозно средство. За првпат минатата година во неколку наврати во случаи на екстремно загадување, Град Скопје овозможи бесплатен јавен превоз за сите, за да го дестимулира возењето автомобили“, велат од таму.
Од аспект на греењето, од Градот Скопје велат дека е формирано новото јавно претпријатие „Градски енергетски системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности и ја реализира постапката за преземање на градската топлификациска мрежа, со што ќе стане директен фактор во одлуките во оваа област, која е голем причинител за загадувањето на воздухот, како и да се вклучи во процесот на гасификација на Скопје. Покрај ова, велат од таму, Градот и оваа година субвенционираше граѓани кои се греат на печки на дрво и други течни горива, да набават печки на пелети, кои загадуваат далеку помалку.
„Од аспект на контролата, инспекциските служби на Град Скопје се на терен нонстоп, контролирајќи ги лицата кои креираат и ги палат дивите депонии, каде што активностите на терен резултираа со двојно повеќе казни во однос на истиот период лани. За првпат се користат дронови за мониторирање на изворите на загадувањето, а минатата година беше формиран и 193 центарот за елиминирање на отворени огнови кај бездомни лица. Иако расчистувањето на дивите депонии не е работа на Градот, туку на општините, сепак, од Град Скопје во 2018 се исчистени над 3000 метри кубни диви депонии, далеку повеќе од 2017 (375 м3)“, велат од таму
Од таму апелираат и до преостанатите државни институции, до општините во Скопје и до граѓаните да се вклучат во борбата против загаденоста на воздухот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

