Македонија
Селмани: Политиката на неказнивост на насилството врз новинарите сè уште има длабоки корени
Безбедноста на новинарите во Македонија полека се подобрува, но политиката на неказнивост на насилството врз новинарите во Македонија сè уште има длабоки корени, рече претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, на денешниот настан за одбележување на 2 ноември, Меѓународниот ден за прекинување на политиката на некзнивост на насилството врз новинарите.
„Годинава во светот се убиени 47 новинари, од кои тројца во европско тло. Најголем дел од овие свирепи убиства се нерасчистени, а убијците се на слобода. Длабоко жалиме за изгубените животи на нашите колеги и се поклонуваме пред нивната жртва во името на новинарската професија, која очајно трага по вистината. Во Македонија немаме убиен новинар, но тоа не значи дека институциите не треба сериозно да ги сфатат сите закани врз новинарите. Никој не веруваше дека во Словачка или Бугарија, членки на Европската унија дека може да се убијат новинари, но за жал тоа се случи“, рече тој.
Селмани истакна дека бројот на напади во споредба со претходната година се намалил од 18 на шест, а институциите после една деценија почнаа да ги казнуваат напаѓачите на новинари.
„За физички напад на новинар Скопскиот основен суд изрече затворска казна, додека прекршочниот суд во Струга парична казна. МВР го исполни ветувањето дека ќе објави извештај за сите напади што се случиле последните пет години, а во исто време и побрзо реагира на секој нов напад“, рече тој.
Покрај ваквите позитивни примери, за жал, додаде Селмани, политиката на неказнивост на насилството врз новинарите во Македонија сè уште има длабоки корени.
„Политичката волја на Владата и на министерот Спасовски да стават крај на нападите на новинари, не ја следи и бирократијата во полицијата и обвинителството. Тие сè уште водат неквалитетни и неефикасни истраги. Од извештајот на полицијата и обвинителството можете да разберете дека од 59 напади на новинари, само двајца напаѓачи се казнети со ефективна казна, и само уште еден предмет во обвинителството е целосно истражен за кривично гонење. 13 предмети се целосно нерасветлени, за кои полицијата тврди дека тешко ќе може да се расветлат затоа што во минатото се воделе неквалитетни истраги или дури во некои случаи се уништени и докази. Ако не можат да се расчистат случаите, МВР може да покрене постапки против припадници на полицијата што воделе неквалитетни истраги или криеле докази“, рече Селмани.
За да биде ситуацијата уште посериозна, додаде, одредени структури во полицијата се солидаризираат со нивни колеги што напаѓаат новинари. „Таков е случајот на еден полицаец кој пред две години тепаше новинар на протест. Беше утврдено дека тој ги пречекорил овластувањата, но МВР место да покрене постапка пред обвинителство, доставува само известување. Слични примери на забошотување на истраги има и во Обвинителство. Девет месеци не беа доволни на еден обвинител да ја заврши истрагата против едно лице кој во март годинава упати експлицитни смртни закани против новинар“, рече Селмани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

