Свет
Рајски остров на Таjланд стана остров на смртта

Тајландскиот остров Кох Тао многумина го нарекуваат рај. Нуркачките уживаат во неговите кристално чисти води, а туристите од западните земји уживаат и во баровите на плажа на кои има постојана забава.
Но, овој рајски остров сè почесто добива и негативна конотација. Најмалку деветмина туристи од Европа во периодот од 2014 година починале или исчезнале на овој остров. Поради тоа, британските таблоиди почнаа да го нарекуваат ,,остров на смртта”.
По тврдењето на 19-годишна британска туристка дека била силувана во Кох Тао во јуни годинава, овој остров повторно се најде во фокусот на вниманието и го доведе во прашање работењето на полицијата и нејзиниот капацитет да се справи со сериозните злосторства што се случуваат против туристите.
Првично, полицијата негираше дека се случило силување и уапсила десетина луѓе за објавување на ваквата информација на Фејсбук. Полицијата, исто така, издаде налози за апсење за уредник на интернет-весник во Велика Британија и администратор на фејсбук-страница во Калифорнија. По отворањето на истрагата и интервјуирање на младата жена во Велика Британија, полицијата минатиот месец рече дека не нашле докази за нејзиното обвинување и го затвори случајот. Тие рекоа дека ќе го отворат случајот ако се појават нови докази.
Одлуката ја разочара и ја налути мајката на младата жена, која инсистира дека 19-годишната девојка ја кажува вистината. Таа ја обвини полицијата за несоодветна истрага и прикривање криминал на островот.
,,Целата истрага е фарса од самиот почеток”, изјави таа. ,,Зошто некој би измисли нешто такво?”
Тајланд, со околу 35 милиони посетители минатата година, е една од најпопуларните туристички дестинации во светот и се промовира себеси како ,,Земја на насмевки”. Владата е осетлива на критиките што би можеле да ја поткопаат репутацијата на земјата.
Тамошните власти сметаат дека провокативното однесување и облеката на туристите би можеле да го предизвикаат насилството и нападите врз туристките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: На избори одлучува народот, а не странските фактори

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во моментот не гледа начин на кој опозицијата би можела да победи на изборите нагласувајќи дека најважно за него е волјата на граѓаните.
„Ако господата Тадиќ и Ѓилас победат, ќе им честитам бидејќи отсекогаш ја признавав волјата на народот. За мене, волјата на народот е волја божја. Но, во моментот не гледам начин на кој би можеле да победат. Дури и да им дозволите да украдат стотици илјади гласови, ниту тоа не им помага“, изјави Вучиќ пред новинарите.
Реагирајќи на изјавата на поранешниот претседател Борис Тадиќ дека ќе поднесе оставка доколку беше на негова позиција, Вучиќ потсети дека Тадиќ не го сторил тоа кога прогресивците бараа избори во 2011 година.
„Одржавме големи демонстрации, Николиќ штрајкуваше со глад, баравме избори, но без закани и странско мешање. И таа влада беше злокобна – 500.000 луѓе ги загубија своите работни места, приватизацијата беше украдена. Ја променивме на мирен и цивилизиран начин, вработивме луѓе и ја изградивме Србија“, нагласи тој.
Тој се осврна и на изјавата на претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, дека по формирањето на новата влада, ќе ги распушти БИА и РТС. „Да видиме првин дали воопшто ќе го помине пописот“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија се осврна и на коментарите на опозицијата дека е второкласен партнер на кинескиот претседател Шји Џјинпинг. „Овие државници ми даваат најотворена поддршка и имав најмногу средби со нив во историјата на нашата земја. Не заборавајте дека Путин беше единствениот што ми додели орден од тој ранг, првпат по Никола Пашиќ, пред повеќе од еден век“, потсети Вучиќ.
Тој додаде дека Шји дури го продолжил разговорот за петнаесет минути надвор од протоколот, што, рече тој, е реткост за кинескиот претседател. „Разговаравме и за историјата, го запознав со страдањата на српскиот народ во Втората светска војна, а тој мене со трагедијата на кинескиот народ. Се согласивме дека е важно да се бориме против ревизијата на историјата“, рече Вучиќ.
„Оние што не се заинтересирани за Србија не може да разберат колку е важно да се работи за народот. Кога ќе одат надвор од опсегот на разумот и моралот, тешко е воопшто да се одговори на нивните напади“, рече Вучиќ.
Фото: принтскрин
Свет
Руте: Нашата цел не е да провоцираме, туку да се браниме

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес, во Прага, изјави дека западните сојузници мора бргу да се вооружат за да ги спречат хегемонските амбиции на Русија, која ќе остане закана дури и по војната во Украина, и да постигнат мир преку сила.
„Јасно е дека нашите сегашни капацитети не се доволни. Соочени сме со сериозни закани. Русија и Кина произведуваат оружје со невидена брзина. Ова не е демонстрација на паради, туку вистинска сила. Денес, Русија издвојува 40 проценти од својот буџет за вооружување. Само оваа година илјадници тенкови и стотици ракети ‘Искандер’. Наша задача е да ја подготвиме Европа“, рече Руте на самитот за одбрана во Прага.
Првиот човек на НАТО изјави дека западните сојузници подготвиле планови, меѓу другото, како да ги зголемат капацитетите во противракетната одбрана петкратно, а исто така и производството на артилериска муниција.
„Добрата вест е дека веќе имаме значителни средства, а нови доаѓаат. Посилна одбрана на Европа. Набргу ќе достигнеме производство од два милиона артилериски гранати годишно и ќе почнеме да ја намалуваме огромната предност на Русија“, рече Руте.
Генералниот секретар ја спомена Украина како пример за репутација бидејќи успеа да произведе 4,5 милиони дронови годишно за кратко време и членките на НАТО треба да воспостават интензивна соработка со неа во оваа област.
„НАТО има јасен и амбициозен план. Секој партнер знае како да придонесе. Нашата цел не е да провоцираме, туку да се браниме. Зголемувањето на инвестициите во одбраната е одговор на неиспровоцираната агресија на Русија против Украина. Предизвиците нема да исчезнат. Нашата најголема предност останува единството. Европа и САД заедно“, рече Руте.
По панелот на самитот за одбрана во Прага, генералниот секретар на НАТО ќе се сретне со чешкиот премиер, Петр Фијала.
Шведскиот министер за одбрана Пал Џонсон на самитот изјави дека руската инвазија на Украина ги разби илузиите дека мирот е основен услов во денешниот свет.
„Русија произведува повеќе тенкови, борбени возила, ракети и беспилотни летала од кога било досега. Стекнува искуство од фронтот и успева да извлече поуки од нив. Бргу се приспособува, а исто така ги подобрува и своите хибридни операции“, рече Џонсон.
Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски, отворајќи го самитот за одбрана во Прага синоќа, ги предупреди и западните сојузници за аспектот на хибридна војна и рече дека од 2014 година и кризата што избувна пред анексијата на Крим тие се во необјавена хибридна војна што почна против нив и продолжува да ја води Русија.
Фото: принтскрин
Регион
Вучиќ: Претседателот на Кина лично ме покани во државна посета, верувам дека тоа ќе биде во наредните шест месеци

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денес ја имал најважна средба во Пекинг со претседателот на Кина, Шји Џјинпинг. Истакна дека средбата била исклучително пријателска и срдечна.
„Она што би го кажал како добра вест за граѓаните, што го потврдува пријателството и говори за она што доаѓа потоа – претседателот Шји лично, а не преку кабинетот или на вообичаен бирократски начин, туку сам во разговор ми упати покана како на претседател и на нашата делегација да дојдеме во државна посета на Кина“, рече Вучиќ.
Наведува дека во краток временски период ќе дојде до државна посета и претпоставува дека тоа ќе биде во наредните шест месеци.
Тој нагласи дека брзиот експоненцијален раст на увозот и извозот со Народна Република Кина ги покажува нивото и сериозноста на соработката и искреното пријателство.
„Молев за дополнителни инвестиции, за дополнително вработување на нашите луѓе. Претседателот нè информира дека нивните експерти работат и на она за што зборувавме во Москва и дека ќе продолжат да работат и на други проекти и дека Србија како исклучително пријателска земја може да очекува понатамошна поддршка и помош од Народна Република Кина“, изјави тој.
Истакна дека тоа може да се очекува и по разни политички прашања – од Косово и Метохија, територијалниот интегритет на Србија, исто како што и Србија го почитува принципот на една Кина.
Вучиќ нагласи дека е многу среќен кога разговорот завршува вака затоа што знае дека е направено нешто добро за земјата, дека ќе има нови фабрики, нови патишта и железници.
„Тие се израдуваа на фактот дека за 15 дена ја отвораме пругата Белград – Суботица, дека ние го завршивме нашиот дел до Будимпешта. Се гордеам на тоа, тоа се резултати што никој не може да ни ги одземе“, рече тој.
Вучиќ му се заблагодари на претседателот Шји за поддршката – од железарницата, преку ковидот и респираторите, до поддршката за резолуцијата за Сребреница, „без Кина немаше да можеме да ја добиеме поддршката од мнозинството нации во светот“.
„Разговаравме за немешање во внатрешните работи и за управувањето со шарени револуции, за денешните обиди тоа да се направи и во Белград. Кинеското раководство и претседателот сигурно добро ги согледуваат работите во нашата земја и добро ги разбираат притисоците со кои се соочуваме и тоа за нас беше важно“, додаде Вучиќ.
Тој нагласи и дека имал многу добар состанок и со претседателот на Народниот конгрес на Кина, „многу сериозен и воздржан човек, кој ретко покажува емоции, но не ја криеше искрената наклонетост кон Србија“.
Најави дека набргу потпретседателот на Народниот конгрес ќе ја посети Србија, а в година и самиот претседател.
Вучиќ посочи и дека денес имал разговори со три компании, а со уште една ќе разговара подоцна.
Говорејќи за односите, рече: „Некои велат дека Путин не ме цени. Па кому Путин му даде толку висок орден во нашата земја, освен на мене? По повеќе од еден век, го добив јас. Исто е и со Шји Џјинпинг. Србија е европска земја во која дошол најмногупати. И имав чест да го угостам. Толку пати сум бил со претседателот Шји што многу нешта научив од него“.
Вучиќ додаде дека Шји дури го продолжил состанокот за петнаесетина минути од предвиденото, што е редок гест, и дека разговарале и за историјата на српскиот и на кинескиот народ.