Македонија
(Видео) Лазаревски: Јордан Мијалков ме унапреди, Сашо Мијалков ме деградираше
Свиркачот Ѓорги Лазаревски, кој прислушуваните разговори незаконски ги извади од УБК и ги предаде на поранешниот директор на управата, Зоран Верушевски, на почетокот од сведочењето за случајот „Таргет – Тврдина“, прашан од обвинителот Трајче Пеливанов накратко да ја каже својата биографија, истакна дека првото унапредување по вработувањето во МВР во 1987 година го имал од таткото на обвинетиот во случајот Сашо Мијалков, Јордан Мијалков, додека бил министер на МВР.
Наспроти ова, по бројните унапредувања кои понатаму следувале во кариерата на Лазаревски, во 2006 година тој бил деградиран од страна на Сашо Мијалков, кој по доаѓањето на чело на УБК го спуштил на почетничка позиција во управата.
Лазаревски истакна дека по 2006 година работел по наредба на Горан Грујевски, иако тој не му бил надлежен. Исто така кажа дека секојдневно трпел терор и навреди од страна на Грујевски, кој му велел на Лазаревски дека претходно одработувал за непатриотска власт, но и му правел опструкции да се види со директорот за да му се пожали.
Обвинетите за прислушувањето во предметот „Таргет – Тврдина“ на специјалното јавно обвинителство материјалите ги добивале на своите лични компјутери, а Никола Бошкоски гу уништил направените фотографии и видеа од дробењето на системите за прислушување. Единствено за ова обвинение СЈО не објави анонимизиран примерок на својата веб-страница поради многуте класифицирани документи наведени во обвинителниот акт.
Обвинителите од СЈО во воведниот говор рекоа дека ќе докажат оти во февруари 2015 година, по објавувањето на бомбите, Горан Грујевски и Сашо Мијалков се обиделе да го скријат фактот дека незаконското следење на комуникациите се одвивало во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање. Мијалков му наредил на Грујевски да ги уништи системите Vernit и Nice Track во време кога Nice Track сè уште бил во употреба. Грујевски, заедно со шефот на одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, воспоставил ад хок комисија во отсуство на какви било законски основи. Процесот го одобрила Гордана Јанкулоска, тогашната министерка за внатрешни работи. Со таквите дејства, според СЈО, му била нанесена штета на буџетот од 87.261.058 денари.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во првиот круг од локалните избори не се констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од Локалните избори 2025 година, за периодот од 29 септември до 17 октомври 2025 година.
Мониторингот опфати 11 национални програмски сервиси – МРТ 1; МРТ 2; Собранискиот Канал на МРТ; ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 24 Вести; ТВ Компани 21-М и ТВ Шења при што фокусот на анализата беше ставен врз облиците на изборно медиумско претставување. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
„За Локалните избори, имаше дури 153 учесници во изборите и се покажа дека секој нареден изборен процес станува се потешко, па дури и невозможно, целосно да се исполнат принципите на еднаквост и пропорционалност во известувањето зашто и времето во вестите е ограничено, и техничките и кадровските капацитети, дури и на најголемите телевизиски куќи не се толку големи за медиумски да ги покријат сите кандидати“, велат од АВМУ.
За време на изборната кампања во првиот круг од Локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Прекршувања беа констатирани само за време на изборниот молк од страна на 4 радиодифузери.
Во однос на балансот во дневноинформативните емисии (ТВ дневник/вести), сите анализирани медиуми генерално известуваа неутрално за учесниците во изборите.
Десет телевизиски програмски сервиси емитуваа интервјуа со учесниците во изборната кампања. ТВ Алсат-М и ТВ Сител интервјуата ги емитуваа во дневноинформативните емисии, со тоа што Сител, освен 10-те интервјуа на изборни теми во вестите, емитуваше и 13 интервјуа во други емисии. Најмногу интервјуа емитуваа ТВ Алсат-М (вкупно 30), ТВ Алфа (29), МРТ 1 (28), ТВ Сител (23), ТВ Телма (15), ТВ Шења (13) и ТВ 24 Вести (12). Освен ТВ Сител, сите други анализирани телевизии емитуваа дебати. Најмногу дебати имаше на ТВ 24 Вести (24) и на ТВ Телма (24), по што следуваат МРТ 1 (17), ТВ Канал 5 (13) и МРТ 2 (11).
Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелноинформативна емисија неделно.
МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот сервис ја исполнија обврската од Изборниот законик и на кандидатите им понудија можност за бесплатно политичко претставување. Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од Локалните избори 2025 година е достапен на веб страницата на АВМУ на линкот.
Македонија
Гаши на средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа средба меѓу претседателот на Собранието, Африм Гаши и претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, кој престојува во официјална посета на нашата држава по повод 30-годишнината од зачленувањето на земјата во Советот на Европа.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната поддршка што Советот на Европа ѝ ја дава на Северна Македонија од 1995 година, нагласувајќи дека тридецениското членство претставува потврда на трајната определба за човекови права, демократија и владеење на правото.
Двајцата претседатели ја истакнаа важноста на парламентарната соработка и на заедничките иницијативи што придонесуваат за поголема видливост на Советот на Европа во регионот.
Претседателот Гаши подвлече дека искуството стекнато преку Советот на Европа е од особена вредност за процесот на пристапување во Европската Унија и дека Собранието ќе продолжи да биде пример за транспарентност, дијалог и посветеност на европските стандарди.
Македонија
За вакцинација против сезонскиот грип досега пријавени над 76 илјади граѓани, почна и вакцинацијата со комерцијалните вакцини за 700 денари
Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонскиот грип за ризичните категории населени досега се пријавени над 76 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 43 илјади лица во државата.
„Заинтересираните граѓани сè уште имаат можност да се пријават за вакцинација против сезонскиот грип преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар. Превентивни тимови продолжуваат и со теренска вакцинација во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Исто така, почната е и вакцинацијата со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје Скопје, а во текот на неделата ќе почне вакцинација и во другите центри за јавно здравје во државата.
Екипите на Центарот за јавно здравје – Скопје вршат вакцинација секој работен ден од 7.30 до 14.30 часот. Цената на комерцијалните вакцини изнесува 700 денари.

