Македонија
(Видео) Владата брифира за планот 18, се чекаат забелешките од опозицијата

Правосудниот систем, безбедносно-разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата се во фокусот на реформите во владиниот план 18 за приближување кон Европската Унија. Планот 18 претставува продолжение на реформите што беа спроведувани со планот 3-6-9.
По тој повод средба со новинарите одржаа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за правда, Рената Дескоска, и министерот за администрација, Дамјан Манчевски.
На брифингот премиерот Заев во своето воведно обраќање го елаборираше политичкиот контекст за реализација на мерките од итните реформи од овој пакет и нагласи дека двотретинското мнозинство во Собранието за отворање на Уставот е израз на зрелоста на политичките претставници на граѓаните, со искрена надеж и уверување дека процесот ќе се заврши успешно, навремено и со најширока можна политичка и граѓанска поддршка.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, посочи дека очекува забелешки и од опозицијата за реформите.
„Лично остварив средба со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за овој план, но досега немам добиено писмени забелешки од опозицијата“, рече Османи. Тој потенцираше дека освен препораките на ЕК во утврдувањето на мерките и законските решенија од пакетот План 18 се земени и препораките од ОБСЕ, ГРЕКО Венецијанската Комисија и од други експертски меѓународни институции.
Запрашана за реформите во судството, министерката за правда, Рената Дескоска, се осврна и на специјалното јавно обвинителство за кое, како што рече Дескоска, има две можни сценарија – или да биде дел од Основното јавно обвинителство или подетаљно да му се регулира статусот. Во врска со уставниот закон, Дескоска рече дека тој ќе треба практично да ги операционализира амандманите. Во однос на Изборниот законик, Дескоска изјави дека тој ќе биде пуштен во собраниска процедура кога ќе добијат одговор од опозицијата за изработената верзија.
Во делот на реформските мерки од Планот 18 што во надлежност на МВР, министерот Спасовски се задржа на реформите на Управата за безбедност и контраразузнавање и го издвои доследното спроведување на целиот пакет мерки кој се однесува на целосна операционализација на Оперативно техничката агенција (ОТА).
„Реформите за безбедност и контраразузнавање не оставаат простор за злоупотреба. Со оваа реформа, надворешните механизми за контрола врз безбедносните служби се зајакнати, додека ПИМ мерките нема да бидат на располагање на МВР и УБК, освен доколку тоа не е во законска и пропишана постапка која има свој пишан траг“, нагласи Спасовски.
Четвртиот кластер реформски мерки од Планот 18 ги опфаќа системските измени во јавната администрација. Министерот Манчевски фокусот на своето излагање го стави на деполитизација на јавната администрација – почитување на принципот на заслуги (мерит систем) и прекинување на праксата на времени вработувања, на изработка на концептот за воведување на категоријата високи државни службеници (ВРС), како и процесот на реорганизација, оптимизација на органите на државна управа, агенции и инспекциски служби на централно ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со двојно поголем буџет, Мицкоски сака македонските универзитети да влезат во првите 1.000 на Шангајската листа

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека буџетот за науката е двојно зголемен во споредба со минатата година, достигнувајќи околу 650–660 милиони денари.
Тој додаде дека Владата обезбедила бесплатен пристап до двете најголеми научни бази за сите истражувачи, студенти и универзитети во земјава.
„Нашата цел е да ја стимулираме науката. Очекувам младите научници да ги користат овие бази, да ги следат светските трендови и да публикуваат свои трудови“, рече Мицкоски.
Според него, со оваа поддршка, универзитетите во Македонија би можеле да се приближат кон влез во првите 1.000 на Шангајската листа во текот на овој владин мандат.
Македонија
Мицкоски со остра осуда за скандирањата на ксенофобични пораки и национализам на натпреварот Македонија-Романија во Куманово

Премиерот, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата, и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, порача премиерот Мицкоски.
Македонија
Нови цени на горивата од ноќеска на полноќ

Од ноќеска на полноќ ќе има нови цени на бензините и дизелот, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,533 ден/кг и сега ќе изнесува 39,945 ден/кг.
Од 5.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,945 (денари/килограм)