Македонија
Судењето за Латас одложено поради спреченост на претседателот на судечкиот совет

Денешното рочиште за предметот „Тотал“, каде обвинет е новинарот Драган Павловиќ-Латас, беше одложено поради спреченост на претседателот на судечкиот совет. Следното судско рочиште е закажано за 21 декември во 10 часот.
Во предметот „Тотал“ на СЈО, Латас е обвинет заедно со три фирми: „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ, „Тотал медиа центар“ и „Медиамакс“, каде што тој се јавува како сопственик или управител. Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок. Тој и правните лица давале лажни податоци за даночните обврски. Латас како управител на компаниите ја намалил основицата за данок и не пријавил лични приходи. Тој набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен. Овие средства биле евидентирани како основни средства и тековни трошоци, а Латас ја намалил обврската и по основа на ДДВ. Износот за добра и набавени услуги Латас не го пријавил во годишната даночна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.