Македонија
Обвинителството тргна кон фирмите на Орце Камчев

СЈО врши претрес во „Орка холдинг“, компанијата на бизнисменот Орце Камчев. Од СЈО ја потврдуваат информацијата, а Камчев беше недостапен за да каже од кои причини компанијата е под лупа на обвинителството.
Вработени во „Орка холдинг“ за „Макфакс“ сведочат дека обвинители од СЈО се влезени во главните простории на компанијата со асистенција на Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција, а дека останатите компании во објектот работат нормално.
Минатата недела и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет за една приватна болница која се поврзува со бизнисменот Камчев, под сомнение дека биле злоупотребувани пари од Фондот за здравствено осигурување. Според предистражната постапка, постојат индиции дека дел од наплатените интервенции се фиктивно извршени од страна на болницата, како и дека за ист пациент и за ист вид интервенција се вршени по неколку наплати од Фондот.
Бизнисменот Камчев еднаш се јави како сведок во СЈО пред две години, но не се знаеше во однос на кој предмет, ниту, пак, беа соопштени детали од неговата посета во обвинителството. СДСМ, кога ги објавуваше такаранечените „бомби“, не објави ниту една аудиоснимка во која може да се слушне разговор меѓу Камчев и тогашните претставници на власта.
Бизнисменот Камчев се јавува како овластено лице во повеќе компании, тој е директор и извршен член на одборот на директори на „Орка холдинг“, фирма која е сопственик на Друштвото за производство, трговија и услуги „МОНТ“ ДООЕЛ Скопје и приватната здравствена установа „Аџибадем Систина“ во Скопје.
Неговото име се провлекуваше и во повеќе офшор компании, меѓу кои и фамозната „Ексико“ од кои дел постојано ги менуваа називите, сопствеништвото и локацијата низ различни даночни раеви во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.