Македонија
Град Скопје: Не пријавувајте огнови на „Фејсбук“, туку на 193
Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“ ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено.
„Палењето огнови на отворено е законски забрането, но е честа појава. Најчесто тоа е последица на несовесноста на некои граѓани, но во некои случаи е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно живеалиште. Горењето пластика, гуми, кабли, неквалитетни дрва и палењето на дивите депонии влијаат на загадувањето на воздухот. Статистиката покажува дека греењето дрва учествува со една третина во загадувањето на воздухот, а најотровните состојки се испуштаат од отворените огнови. За таа цел мешани тимови и оваа година ќе работат секој ден, 24 часа, за борба против огновите на отворено“, рече на прес-конференција Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.
Тој упати апел до граѓаните сите забележани огнови на отворено да ги пријавуваат исклучиво на телефонскиот број 193, наместо на „Фејсбук“ или на другите социјални мрежи, за да можат екипите да интервенираат навремено, а со тоа да се спречи евентуална опасност по здравјето и имотот на граѓаните.
„Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, огновите ќе бидат изгаснати, а доколку постои потреба од згрижување на лицата кои ги палат огновите ќе интервенираме во координација со Центарот за социјална работа на Град Скопје. Одговорноста за решавање на проблемот со огновите на отворено е заедничка за сите нас и затоа е неопходна активна соработка со граѓаните. Градот Скопје интензивно работи на елиминирање на причинителите на загадувањето на амбиентниот воздух во градот“, нагласи Салиху.
Минатата зима, во рамки на оваа кампања биле регистрирани вкупно 438 јавувања на телефонскиот број 193. Било интервенирано на 334 огнови на отворено, а во 114 случаи на терен излегле комуналните инспектори. Раководителот на секторот инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, објасни дека градските инспектори вршат засилени контроли на терен по однос на загадувањето на животната средина и досега се пронајдени и казнети поголем број прекршители во Вардариште и во Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

