Македонија
Османи: Подобрувањето на условите за младите значи и нивно останување во државава
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, учествуваше на пуштањето во употреба на спортската сала во основното училиште „Перо Наков” во Куманово.
„Денешната промоција на оваа спортска сала ја симболизира вистинската причина и цел на политиката – да создава подобри услови за сите граѓани на оваа земја. Фактот што со овој објект ги подобруваме условите за младите претставува дополнителна придобивка за сите нас и дополнителен поттик за нашата работа”, истакна Османи на почетокот од своето обраќање.

Османи меѓу другото посочи дека објектот е дел од поширокиот проект за изградба на 145 спортски сали, кои се финансирани од средствата обезбедени со кредит од Банката за развој при Советот на Европа, додека проектната документација е изработена со неповратните средства од ИПА-фондовите.

„Исто како во училиштето ‘Исмет Јашари’ во Липково, или ‘Јероним Дерада’ во Черкези, Кумановско, вистинско задоволство е кога присуствувам на настани на кои се промовира унапредувањето на условите за образование на граѓаните, за спортување, затоа што е тоа најдобриот начин да им обезбедиме успешна иднина на младите овде, во земјава”, истакна Османи, посочувајќи дека само оваа година веќе третпат присуствува на положување на камен-темелник или отворање на нов образовен објект во овој регион.

„Европската Унија, секоја година става на располагање преку 100 милиони евра неповратни средства, пари на даночните обврзници на земјите членки на Унијата, кои овие средства, наместо во нивните земји, одлучиле да ги дадат за проекти со кои ќе се трансформира нашето општество, со цел и ние полесно да ги достигнеме стандардите на нивните општества“, вели Османи додавајќи дека со напредокот во процесот на европските интеграции, особено со подготовките за почеток на преговори и самите преговори за членството во Европската Унија, овие средства и овие активности значително ќе се зголемат, што ќе овозможи подобри услови за инвестиции и бизнис, за економски развој и повеќе работни места, средства што ќе овозможат и поквалитетно и подостапно здравство, подобро и поквалитетно образовани и воопшто поквалитетни услуги на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советник од Карпош пред исклучување од СДСМ поради гласање спротивно на ставовите на партијата
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука да почне постапка за исклучување од членство член на Советот на општина Карпош, заради непочитување на одлуките и ставовите на СДСМ и работење спротивно на интересите на партијата.
„Советникот гласаше за изборот на претседател на Советот во Карпош спротивно на партиските одлуки и ставови. Согласно Статутут на СДСМ, непочитување на одлуките, работење и гласање спротивно на интересите на СДСМ како и нанесување значителна штета на партијата повлекува одговорност а тоа се однесува и на сите избрани советници“, велат од партијата.
Социјалдемократите преку соопштение додаваат дека најостро ги осудуваат сите притисоци, уцени и закани врз советниците во советите на општините на локално ниво од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за што партијата ќе преземе соодветни мерки за нивна заштита.
Mинатата недела се одржа првата конститутивна седница на Советот на Општина Карпош, кога со 14 гласови „за“, досегашниот уметнички директор на Операта, Христо Саракинов, беше избран за претседател на Советот на Општина Карпош. ВМРО-ДПМНЕ има 11 советници, Коалицијата „Искуство за успех“, СДСМ и Левица имаат по 4 советници, независната граѓанска иницијатива „Независни за Карпош“ три советници и ЗНАМ има еден советник. За изборот на Саракинов покрај советниците на ВМРО-ДПМНЕ и советникот на ЗНАМ, гласаа советникот од ГРОМ Зоран Краљевски и советникот од СДСМ Радослав Трошановски. Со тоа беа обезбедени 14 гласови „за“ и Саракинов беше избран за претседател на Советот на Општина Карпош.
Македонија
Градиме брза железница и автопати од Албанија до Бугарија, најави Николоски во Виена
Македонија ги реализира најкрупните капитални проекти за патна и железничка инфраструктура на транспортните Коридори 8 и 10, истакна вицепремиерот Александар Николоски на економскиот форум во Виена. Тој нагласи дека државата има визија преку модерна инфраструктура да придонесе за регионален развој, брз и сигурен транспорт и економска стабилизација.
Николоски потенцираше дека иако земјата нема излез на море, таа има стратешка географска предност, бидејќи Коридорот 10, најдолгиот паневропски транспортен коридор, минува источно од Скопје. Овој коридор започнува од Атина (пристаништето Переа) и завршува во Финска, поврзувајќи го целиот северо-западен европски транспортен правец.
Дополнително, тој го истакна значењето и на Коридор 8, кој го поврзува Јонското и Јадранското Море со Црното Море и претставува клучна источно-западна врска на Југоисточна Европа.
Инвестиции во патна инфраструктура
Николоски посочи дека се градат и модернизираат автопатските делници на Коридор 8 – од границата со Албанија до границата со Бугарија, како и граничните премини, со цел скратување на времето на чекање. Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на коридор 8 ќе биде околу 1,5 милијарди евра.
Во делот на Коридор 10, тој го најави најголемиот автопат досега изграден во државата – долг околу 55 километри, кој ќе го скрати патувањето меѓу Скопје и Атина за околу три часа, на приближно 5 до 5,5 часа.
„Од наша страна го градиме најголемиот автопат што е некогаш изграден во државата, околу 55 километри, а од другата страна градат и Грците и тоа е делот кој недостига од сложувалката, па се надевам дека кога од Виена ќе патувате кон Атина ќе скратите барем три часа со она што го градиме сега“, рече Николоски.
Брза железница: најголем проект во Југоисточна Европа
Започнува изградбата на брза железница на Коридор 10, во партнерство со Обединетото Кралство, со инвестиција од околу 2 милијарди евра. Проектот треба да биде завршен до 2031 година.
„Веќе имаме договор со нашите грчки пријатели, се сретнав со вицепремиерот на Грција пред еден месец, тие ќе го изградат делот кај нив што недостига, од Солун до нашата граница, а ние започнуваме на пролет следната година со изградба на нашиот проект. Тоа ќе биде најголемиот проект во Југоисточна Европа, иако ние сме една од најмалите држави во тој регион. Инвестицијата ќе биде околу 2 милијарди евра. Бидејќи не сме членки на ЕУ, имавме две алтернативи: да потпишеме со Кинезите, не е тајна дека тие дојдоа уште на првиот ден кога започнавме како Влада, понудија заем без камата, ако градиме со нив. Но ние мислевме дека од витално значење за Европа, бидејќи коридорите, особено железничките, користат мошне иновативна сигнализација што може да се искористи и за други работи, покрај железницата, решивме да потпишеме договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Имаме 5 милијарди фунти, 6 милиони евра на располагање, од кои 2 ќе ги искористиме за овој проект, со добри услови, за жал не можам да ги споделам условите сега, бидејќи се’ уште се доверливи, но кога ќе се откријат, мислам сите ќе се согласат дека се поволни. Очекуваме да почнеме следната година и да завршиме во 2031, бидејќи се работи за двојна пруга, првата, товарната што ќе заврши во 2028 година“, рече Николоски.
Патничките возови ќе се движат со брзини од до 250 км/ч, а товарните со до 140 км/ч. Очекувањата се дека државата ќе остварува годишни приходи од транзитен железнички сообраќај од 120 милиони евра (наспроти сегашните 12 милиони).
Поврзување Скопје–Софија, а потоа и кон Јонското Море
Николоски најави дека е склучен договор со Бугарија за железничко спојување преку тунел, а се работи на три делници до границата со Бугарија. Една делница е веќе пуштена, втората ќе биде готова до октомври следната година, а за третата се очекува тендер во декември. Вкупната инвестиција на двете држави за железничкото поврзување Скопје – Софија изнесува 2 милијарди евра.
Целта е до 2031 година да има регуларна железничка линија Скопје–Софија–Бургас, а потоа и кон Јонското Море, во зависност од развојот на албанската инфраструктура.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Делчево и Виница
Денес околу 15:48 часот беше почувствуван земјотрес во делови на североисточна Македонија, најмногу во Делчево, Виница и околните места.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил со магнитуда од 3,2 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот потекнува од подрачјето на Благоевград, во соседна Бугарија.
Земјотресот се почувствувал со интензитет од III степени по Европската макросеизмичка скала, што значи дека граѓаните можеле да забележат кратко тресење, но без посериозни последици.
Од Опсерваторијата замолуваат сите што го почувствувале земјотресот да го пополнат прашалникот на ЛИНКОТ или да се јават на 112.

