Македонија
(Видео) Заев: Даваме придонес во чувањето и негувањето на културните особености на ромската заедница
По повод одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, премиерот Зоран Заев учествуваше и се обрати на настанот што се одржа под покровителство на министерот без ресор, задолжен за имплементација на стратегијата за Ромите 2014-2020, Аксел Ахмедовски.
Како што информираат од владината прес-служба, во своето обраќање Заев упатил честитки до ромската заедница во Македонија, но и до сите граѓани на државата, со порака дека причината за славење на посебноста на ромската заедница е причина за славење за сите граѓани затоа што, како што рекол, општество еднакво за сите е основниот принцип на владината програма и заедничка вредност.
„Ромите денес се вклучени во целокупноста на општественото живеење не само во Република Македонија туку и во земјите во Европската Унија. Денешниот настан е убав повод уште еднаш да истакнеме дека Владата, заедно со политичките претставници на ромската заедница и со лидерите на граѓанските организации, останува и понатаму целосно посветена на процесите за поголемо учество на Ромите во процесот на донесување на одлуките по прашањата што ја засегаат оваа наша заедница. Посебно внимание, освен на социјалните политики и на мерките за вклучување на пазарот на трудот, обрнуваме на образованието“, истакнал премиерот.
За потребата од континуирана заложба за зачувувањето и негувањето не само на јазикот туку и на културата, традицијата и обичаите, говорел и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кој истакнал дека актуелната Влада преку имплементацијата на концептот едно општество за сите го зацврстува местото на ромската заедница во општеството.
„Ќе споменам дека изучувањето на ромскиот јазик е воведено како наставна програма во основното образование. Воведен е изборен предмет јазик и култура на Ромите. Донесена е и се спроведува стратегија за воведување ромски образовни медијатори во воспитно-образовниот систем како позитивен модел за обезбедување квалитетно и еднакво образование на учениците од ромската заедница“, потенцира министерот за образование.
Во своето обраќање министерот за култура, Асаф Адеми, потенцирал дека одбележувањето на овој ден претставува значаен чекор во зачувувањето, развојот и афирмацијата на ромскиот јазик.
На настанот обраќања имаа и пратеникот во македонското Собрание, Самка Ибраимоски, и пратеникот во собранието на Хрватска, Вељко Кајтази.
Како што информираат од прес-службата на Владата, тој се заокружил со изложба на фотографии за културата на ромскиот народ во земјите на Балканот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

