Економија
Со новиот буџет е предвидено покачување на платите во јавниот сектор од 5 проценти
Повисоки плати за лекарите специјалисти од 10 проценти од јануари 2019 година и 5 проценти повисоки плати за вработените во здравството, образованието, градинките, одбраната, државната администрација, полицијата и правосудството од септември 2019 година. Ова е предвидено со предлог-буџетот за 2019, кој денеска во Министерството за финансии беше јавно презентиран пред синдикатите, коморите, невладиниот сектор, експерите и медиумите.
„Вложуваме во подобро јавно здравство. Целта е најдобрите лекари граѓаните да ги бараат во јавното, а не приватното здравство. Целта е да обезбедиме подобри здравствени услуги за сите. Сакаме да ги мотивираме здравствените работници. Знаеме дека работите не се менуват од денес за утре, но мора да се почне од некаде. Ние почнавме оваа година и продолжуваме посилно во 2019 година. Во буџетот за 2019 година имаме обезбедено и средства за покачување на платите во образованието, како и вработените во градинките и детската заштита. Со цел градење поефикасна и помотивирана јавна администрација, планирано е покачување од 5 отсто на платите на администрацијата од септември 2019 година. Планирана е и реформа на јавната админстрација во 2019 година. Целта е да се подобрат јавните услуги. Јавната администрација ќе биде клучен носител на преговорите за присапување кон ЕУ и НАТО“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Министерот за финансии истакна дека буџетот за 2019 година е социјален, но и развоен. Во буџетот е предвидена реформа во системот на социјалната заштита преку воведување минимален гарантиран приход и семеен пакет на права. Со ова им се олеснува пристапот до социјален надоместок на постојните 24.000 домаќинства кои во моментот се приматели на социјална помош, но се создава можност и за дополнителни 11.000 домаќинства. Предвидено е и воведувањето социјална пензија, која ќе опфати околу 6.000 лица што имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години и која ќе изнесува 40 отсто од просечната исплатена пензија.
„Се воведува образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца. Новиот систем на социјална и детска заштита има цел најголема помош да им се укаже на најранливите категории граѓани. Неговата имплементација ќе придонесе за извлекување на најранливите граѓани од сиромаштија. Паралелно, ќе се спроведат интензивни мерки за подготовка и активација на овие категории граѓани на пазарот на труд. Воведувањето реформиран систем на социјална и детска заштита во 2019 година значи обезбедување дополнителни 2,2 милијарди денари по овој основ“, рече министерот за финансии.
Предвидена е и историски највисока сума за активни мерки за вработување во износ од 1,1 милијарда денари. Ова е, како што посочи Тевдовски, пораст од 10 отсто во однос на 2018 година, а разликата во однос на претходните години е повеќекратно повисока. Износот во 2019 година е двојно повисок во однос на 2016 година или три пати повисок во однос на 2014 година.
Како што истакна министерот за финансии, зголемувањето на конкурентноста на приватниот сектор останува еден од приоритетите на Владата. Во буџетот за 2019 година предвидени се средства за мерките за поддршка на нови инвестиции, извозот и освојувањето нови пазари, нови вработувања, поддршка на малите и средните претпријатија, иновативноста, технолошкиот развој и странските инвестиции во ТИРЗ. Станува збор за речиси 3 милијарди денари или 40 отсто повеќе во однос на годинава.
За капитални проекти предвидени се 25,7 милијарди денари во буџетот, во оваа сума не се вклучени поголем дел од патиштата предвидени во буџетот на Јавното претпријатие за патишта. Инвестициите во патната и железничката, комуналната и енергетската инфраструктура се повеќе од 40 отсто од вкупните планирани капитални расходи во буџетот за 2019 година. Како позначајни проекти се железничката пруга на Коридорот 8 – делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка, реконструкција на железничката пруга на Коридор 10, патната за првата фаза од националниот гасовод, делницата Штип – Неготино – Битола и делницата Скопје – Тетово – Гостивар, изградба на водоводни и канализациони системи на општините и други проекти.
Во буџетот за 2019 година се имплементирани и даночната и пензиската реформа. Се очекува фискален ефект од 1,5 милијарда денари од воведувањето преведен даночен систем. Пензиската реформа, како што посочи Тевдовски, ќе придонесе за стабилизација на пензискиот систем, неговата одржливост и намалување на дефицитот во пензискиот фонд, без притоа да се зголеми старосната граница при пензионирање.
Планираниот буџетски дефицит е 2,5 процента од БДП или 0,2 процентни поени од 2018 година или половина милијарда денари помалку.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

