Свет
Француските изјави за снимките со Кашоги се неприфатливи за Турција
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ледријан, во понеделникот изјави дека, колку што му е познато, Франција нема никакви снимки поврзани со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги предизвикувајќи со изјавата огромен бес во Анкара, пренесува „Спутник“.
Турската страна ја нарече изјавата на францускиот министер неприфатлива.
„Сметаме дека е неприфатливо што тој го обвини претседателот Ердоган дека игра политички игри. Да не заборавиме дека овој случај ќе беше веќе прикриен да не беа решителните напори на Турција“, изјави директорот за комуникации во турското претседателство, Фахретин Алтун, дека коментарите на Ледријан не ги одразуваат фактите.
Францускиот министер за надворешни работи во интервју за „Франс 2“ изјави дека Франција не поседува никакви снимки поврзани со убиството Кашоги и посочи дека се чини оти турскиот шеф на државата игра политичка игра во овие околности.
Во меѓувреме, се чини дека канадскиот премиер Џастин Трудо е првиот западен шеф на држава што јавно призна дека неговата земја ги добила снимките откако Ердоган викендов најави дека ќе им ги предаде на западните држави.
„Канада е целосно запознаена со она што Турција имаше да го сподели“, изјави Трудо од канадската амбасада во Париз, каде што присуствуваше на мировниот форум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова му одговори на Руте: Објавете го списокот на „глобални правила“ што наводно ги кршиме
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, реагираше на изјавата на шефот на НАТО, Марк Руте, на тема Русија и кршењата на глобалните правила. Таа му наложи да го објави целосниот список на таканаречените правила, чие кршење неосновано ѝ се припишува на Москва.
„Прво, за какви „глобални правила“ зборуваме? Барам нивниот целосен список да биде објавен на веб-страницата на НАТО. Досега никој не знае за какви правила зборува Руте“, напиша дипломатката на својот Телеграм канал.
Второ, Русија, Кина, како и поголемиот дел од светот, отсекогаш изјавувале посветеност на меѓународното право, додека НАТО постојано го крши тој закон со своите агресивни дејствија и нелегитимни коалиции, изјави таа, потсетувајќи на нападите врз Ирак, бомбардирањето на Југославија и другите воени интервенции.
„Трето, не се сеќавам дека некоја од земјите-членки на НАТО изјавила дека ја суспендира соработката, на пример, како што изјави Руте, со Кина. Неодамна се одржа самитот САД-Кина – не слушнав дека Руте го критикувал американскиот претседател за тоа“, изјави таа.
Порано, Руте изјави дека Русија не е сама во намерата да ги прекрши глобалните правила, истакнувајќи дека оваа земја соработува со Кина, Северна Кореја, Иран и други земји.
Кремљ изјави дека Русија не претставува закана за никого, но дека нема да ги игнорира дејствијата што се потенцијално опасни за нејзините интереси.
Фото: принтскрин
Свет
Порака до Трамп?; Северна Кореја лансираше балистичка ракета
Северна Кореја денес лансираше балистичка ракета која падна во близина на ексклузивната економска зона на Јапонија, изјави јапонската премиерка Санае Такаичи.
Како што е наведено, досега не се пријавени штети на авиони или бродови, пренесува Кјодо.
Во Токио, Такаичи изјави дека им наредила на надлежните владини агенции брзо да ги достават потребните информации до јавноста и да обезбедат безбедност низ целата земја.
Агенцијата потсетува дека лансирањето се случи само еден ден откако Пјонгјанг ги осуди најновите санкции на САД против осум севернокорејски поединци и два субјекта за перење пари поврзани со сајбер криминал.
Фото: принтскрин
Свет
Пукање во Виена: Еден маж убиен, друг во критична состојба, напаѓачите во бегство
Во четвртокот вечерта, во еден турски ресторан во виенската населба Отакринг, дошло до крвава пресметка во која е убиен еден маж, а друг е тешко повреден и се бори за живот. Како што пренесува австрискиот весник „Кронен цајтунг“, по расправија меѓу неколку лица, еден од нив извадил пиштол и испукал неколку куршуми кон двајца мажи.
Жртвите, двајца мажи со чеченско потекло, биле погодени од повеќе истрели – едниот починал на самото место, наводно од прострелна рана во стомакот, додека вториот бил итно пренесен во болница со повреди опасни по живот.
Полицијата трага по напаѓачот и неговиот соучесник, кои веднаш по инцидентот побегнале. Се претпоставува дека сторителот би можел да биде австриски државјанин со мигрантско потекло, иако првичните информации упатувале на тоа дека станува збор за лице од српска националност.
Областа околу местото на злосторството беше блокирана, а полицијата спроведе голема потрага во неколку виенски окрузи која траеше до доцна во ноќта.
Настанот се случил само еден ден по друг насилен инцидент во истата населба, кога 54-годишен сопственик на локал бил нападнат и повреден од група млади момчиња. Полицијата ги поврзува двата случаи во рамките на поширока истрага за растечкиот бран насилство во тој дел од градот.

