Култура
Филмот „Врба“ на Манчевски ќе се снима на повеќе локации во Скопје

Вчеравечер во центарот на Скопје се снимаше една од најефектните филмски сцени за најновиот долгометражен игран филм „Врба“ во режија на Милчо Манчевски, а во продукција на „Банана филм“.
Во Скопје синоќа падна пороен дожд, вештачки произведен за филмската сцена што се снимаше и во која актерот Петар Мирчевски во улогата на Ставре доживува сообраќајна несреќа по што беше однесен со амбулантно возило во болница.
На сетот, покрај режисерот и неговиот посветен тим зад камерите, беа присутни младите актери Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Тино Костадиновски… и секако актерскиот ветеран Петар Мирчевски, кој игра и во претходните четири играни филма на Манчевски снимени во Македонија.
„Врба“ е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Испреплетени приказни за љубов и доверба – од македонското средновековие и од македонската сегашност – се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба“ имаат слични грижи, радости и соништа.
Во Скопје деновиве се снима современиот, урбан дел од филмот, по завршувањето на снимањето на делот од 17 век. Режисерот Манчевски на паузата од сетот за медиумите изјави дека штотуку се вратил од 17 век, каде што рече дека си поминал многу убаво со ликовите Донка и Милан.
На прашањето зошто избрал љубовна приказна, одговори дека тоа е приказна што посакала да биде раскажана и дека често приказните сами го избираат него, а не тој нив.
„Никогаш не постои ниту само историски ниту само љубовен или само политички филм. Ако е добар филмот или ако е добар романот, тогаш тие се секогаш повеќе работи во исто време. Секогаш се покомплексни и раскажуваат за разни работи во исто време. ‘Врба’ е филм што долго време го чував во себе, а почна да се дефинира пред 4 години, приказните беа подготвени да се филмуваат мината година и еве годинава веќе ги снимаме за в година филмот да биде подготвен да се прикажува во кино“, изјави Манчевски.
Инаку, шестиот по ред долгометражен игран филм „Врба“ на Манчевски почна да се снима на 25 октомври во близина на прилепското село Крушевица. Во првите неколку недели филмот се снимаше во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец и во Преспанскиот Регион. По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија.
Главните улоги во филмот ги играат: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив, во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
Снимањето на филмот ќе трае до првата половина од декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Јовановиќ: Прикажавме силно авангардни и ангажирани филмови на унгарската филмска вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ викендов во копродукција со МФФ Киненова беа прикажани унгарските филмови „Три илјади изброени парчиња“ и „Без здив“.
Кинo-проекциите се одржаа во Центарот за култура „Григор Прличев“, а беа дел од Унгарската вечер на фестивалот, која беше поддржана од Унгарската амбасада и Општина Охрид.
– Силно авангардниот и ангажиран филмт „Три илјади изброени парчиња“ во режија на Адам Чаши ја отвори филмската вечер, а продолжи со филмот „Без здив“ во режија на Каталин Молдовај.Настанот привлече бројна публика, а филмот „Три илјади изброени парчиња“ кој е силно ангажиран и авангарден филм сметам дека предизвика силни импресии кај присутите со темата за дискринимација на одредени малцинства во европските општества, вели Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова.
Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.