Свет
Шведската агенција за вработување критикувана поради неточен извештај за вработеноста на мигрантите

Шведската Агенција за вработување се соочува со сериозни критики во врска со новиот оптимистички извештај за вработување на новодојдените мигранти, при што критичарите посочуваат дека единствениот пораст е кај работните места кои се дебело субвенционирани од владата, пренесува „Брејтбарт“.
Во новиот извештај се тврдеше дека има голем пораст кај новодојдените мигранти што се запишуваат на студии или наоѓаат вработување, од 32 отсто во 2017 година на 44 отсто годинава, но критичарите го осудија извештајот бидејќи целиот раст е поврзан со програми финансирани од владата, а не од приватни претпријатија.
Ана Далберг, политички уредник на шведскиот весник „Експресен“, го критикува извештајот велејќи: „Да се нарече ова голем успех, е потполно погрешно наведувачки“ и додаде дека иако е јасно оти шведската Агенција за вработување имала тешка задача со оглед на степенот на образование и вештините на некои мигрантите, како и нивното познавање на шведскиот јазик, извештајот не треба да прикажува подобра слика од фактичката состојба.
Бројот на мигранти што наоѓаат работа без државна помош останува мал – само 4 отсто се ангажирани со некоја форма на студирање и 7 отсто се вработиле, што е непроменето од лани.
Генералниот директор на Агенцијата за вработување, Микаел Сјоберг, го бранеше извештајот, велејќи:
„Мора да се увиди дека резултатите од програмата се подобруваат, но во исто време се соочуваме со големи предизвици. Но, важно е да се биде свесен дека работите одат на добро“.
Стапката на невработеност кај Швеѓаните во споредба со мигрантите со години се разликува многу, а Швеѓаните имаат многу помала стапка на невработеност. Според извештајот од минатата година, стапката на невработеност кај Швеѓаните изнесува само 3,9 отсто во споредба со стапката од 21,8 отсто кај мигрантите.
Претходно, оваа година, беше обелоденето дека севкупната невработеност се намалила во целата земја, но јазот меѓу Швеѓаните и мигрантите и натаму останува висок со невработеност на мигранти од 19,9 отсто. Ситуацијата со невработеност е највпечатлива во Малме, каде што стапката на невработеност е двојно поголема од националниот просек, според извештајот од август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Тајлер Робинсон – од стипендист со блескава иднина до осомничен за убиството на Чарли Кирк

Тајлер Робинсон (22) од Јута, кој некогаш важел за одличен ученик и добитник на претседателска стипендија на Универзитетот „Јута стејт“, денес е главен осомничен за убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк.
По успешното завршување на средно образование во 2021 година, Робинсон добил четиригодишна стипендија и бил сметан за примерен студент. Но, по само еден семестар ја напуштил академијата и подоцна се запишал на „Дикси Техникал Колеџ“ како електричар-приправник.
Истрагата за убиството открила пушка со чаури на кои биле гравирани пораки – од антифашистички слогани и стихови од „Бела чао“ до интернет мемиња. Семејството признало дека во последно време станал политички поактивен и отворено критичен кон Кирк.
Пријателите и соседите сепак го опишуваат како тивок, повлечен и голем љубител на видео игри, без претходни проблеми со законот. Робинсон бил уапсен откако неговиот татко го препознал на фотографиите објавени од полицијата и го убедил да се предаде.
Свет
Орбан до Западот: Не примаме наредби од неизбрани бирократи, одговараме само пред нашиот народ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја веќе три и пол години ја плаќа цената на војната во Украина, и покрај тоа што, како што рече, „тоа не е нашa војна“.
Тој нагласи дека западните лидери се обидуваат уште подлабоко да ја вклучат Унгарија во конфликтот, но дека Будимпешта ќе продолжи да се спротивставува.
„Ќе го браниме нашиот народ, нашата слобода и ќе тежнееме кон мир,“ порача Орбан преку платформата Икс.
Тој додаде дека Европската унија е создадена да им служи на суверените нации, а не да владее со нив. „Брисел не ја контролира Унгарија. Не примаме наредби од неизбрани бирократи, одговараме само пред нашиот народ. Време е работите да се исправат,“ изјави Орбан.
Свет
Се откачи жичница во Русија, повеќе од 30 евакуирани, има загинати

На планината Елбрус, во руската република Кабардино-Балкарија, се случи несреќа со жичница при што загинаа три лица, а повеќе од 30 беа евакуирани, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, загинале жител на Кабардино-Балкарија, жена од Дагестан и маж од Москва. Несреќата настанала кога сајлата излетала од валјак на еден од носачите.
Во моментот на инцидентот, на жичарата имало 37 луѓе, од кои 35 биле успешно евакуирани.