Економија
НБРМ: Тековната монетарна поставеност е соодветна

Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и состојбите и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По олабавувањето на монетарната политика во август 2018 година, Комитетот на ноемвриската седница оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 отсто. На седницата исто така беше одлучено на аукцијата на 14 ноември понудата на благајнички записи да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.
Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите октомвриски макроекономски проекции, при што повторно ги потврди согледувањата дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата, видливо преку стабилните инфлациски остварувања и натамошните поволни движења на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата и натаму упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања. Воедно, ризиците за економијата од неизвесното домашно и надворешно окружување и понатаму се присутни.
Во однос на најновите макроекономски показатели, по растот на економијата од 1,6 отсто во првата половина на годината, високофреквентните показатели за економската активност расположливи досега, општо земено, упатуваат на заклучокот дека движењата се слични како во вториот квартал од годината. На ваквиот заклучок посочуваат податоците за растот на индустријата и трговијата при сè уште негативни остварувања кај градежната активност.
Податоците за инфлацијата за октомври упатуваат на континуитет на досегашните движења, при што просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени во периодот јануари-октомври изнесува 1,5 отсто, движена во најголем дел од базичната инфлација и цените на енергијата. Во однос на показателите од надворешниот сектор нивниот број е ограничен, а расположливите податоци досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.
Првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања во најголем дел се одраз на растот на корпоративните депозити, а позитивен, но помал придонес, има и штедењето на домаќинствата. Во октомври продолжи месечниот раст на кредитите, но со поумерено темпо, при што најголем дел од растот произлегува од кредитирањето на домаќинствата.
Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот се задржа поволната ликвидносна состојба во банкарскиот систем, пред сѐ поради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи во вкупен износ од 50,2 милиона евра во октомври. Присуството на НБРМ со откуп на вишокот девизни средства на девизниот пазар е поврзано со стабилната девизна ликвидност на банките, која и натаму е солидна и овозможува целосно задоволување на нето-продажбите на девизи за потребите на клиентите.
Дополнително влијание за зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот пазар имаше и приспособувањето на девизните позиции на банките во услови на зголемување на нивните инвестиции во финансиски инструменти со валутна компонента. Поволните движења на меѓубанкарскиот девизен пазар се одржуваат и на почетокот на ноември, така што НБРМ продолжи да интервенира со откуп на вишокот девизи. Со оглед на ваквите остварувања, кумулативниот откуп на девизи на НБРМ од почетокот на годината заклучно со 12 ноември изнесува 298,1 милиони евра.
Банките ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на октомври на пазарите на пари, а вишокот денарски средства го пласираа во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ. Со тоа се овозможува флексибилно управување со средствата и нивна расположливост за брза мобилизација заради зголемена кредитна поддршка на економските субјекти.
Во октомври на меѓународните финансиски пазари беа забележани променливи движења при зголемена одбивност за преземање ризик од страна на инвеститорите во услови на неизвесен исход во однос на активностите поврзани со буџетската политика во Италија, како и умерено понеповолните макроекономски показатели за еврозоната. Покрај тоа, оцените за поумерен глобален раст во наредниот период од страна на Меѓународниот монетарен фонд, како и надолното приспособување на проекциите од страна на Европската комисија, упатија на можно забавување на економската активност во еврозоната и во наредната година. Во такви околности беше забележано намалување на светските берзи на акции, а при зголемена побарувачка за безбедни инструменти цените на европските државни должнички хартии од вредност се зголемија. Очекувањата на инвеститорите за одржување на понудата на нафта на релативно високо ниво и покрај санкциите на САД врз извозот на Иран, условија надолно движење на цената на нафтата, која се сведе на најниското ниво во последните два месеца.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели, генерално, се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија и надворешното опкружување во контекст на поставеноста на монетарната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лагард предупредува: Економијата на ЕУ зависи од странските работници

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека приливот на странски работници во изминатите години значително ја поттикнал економијата на еврозоната, помагајќи да се надомести намаленото работно време и падот на реалните плати.
Говорејќи на годишниот симпозиум на Федералните резерви на САД, што се одржува во Џексон Хол, сојузната држава Вајоминг, Лагард нагласи дека миграцијата кон Европската Унија довела до рекорден број жители и покрај негативниот природен прираст.
„Странските работници дадоа значителен придонес за европската економија. Тие овозможија да се компензираат структурните предизвици, како што се пократкото работно време и пониските плати во одредени сектори“, изјави Лагард.
Таа додаде дека иако растот на бројот на работници ја поддржа економската стабилност, одредени влади на земјите-членки воведуваат ограничувања за нови мигранти, поради зголемено незадоволство кај дел од локалното население.
Според Лагард, оваа динамика ќе остане еден од клучните фактори во обликувањето на идните економски и социјални политики во Унијата.
Економија
Македонија е големо градилиште, над 1.200 проекти во општините, велат Перински и Николоски

Во моментов целата Македонија е едно големо градилиште, а само во општините се реализираат повеќе од 1.200 активни проекти поддржани од Владата и Министерството за транспорт, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, на Саем-Отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се само проекти преку Министерството за транспорт, а да не зборуваме за големите инфраструктурни проекти како автопатите Охрид-Кичево, Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола, како и експресните патишта Прилеп-Градско и Куманово-Крива Паланка. Сега започнатите проекти се завршуваат, а граѓаните гледаат резултати“, рече Николоски.
Министерот подвлече дека ова ја враќа самодовербата кај граѓаните и покажува дека Македонија е способна да води големи проекти.
„Не е само патната инфраструктура, туку и железничките линии, аеродромите, авио линиите и обновливите извори за енергија. Во помалку од година дена завршивме еден проект со вредност од половина милијарда евра“, додаде тој.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека Владата финансирала околу 1.200 проекти во сите општини.
„На првиот повик беа пријавени 288 проекти, од кои 137 се завршени. На вториот повик беа поднесени 887 апликации, а прифатени беа 828 проекти. Кумулативно, тоа се околу 1.200 проекти кои се реализираат со помош на централната власт“, рече Перински.
Министерот додаде дека општините се соочувале со големи предизвици и немале поддршка од претходната власт.
„Ние им помогнавме да ги детектираат проблемите, да обезбедат одржливост и да ги реализираат поголемите проекти. Секој градоначалник се бори да направи што е можно повеќе, а по изборите се надеваме дека мотивацијата ќе биде уште поголема“, рече Перински.
Економија
Вреди: Поддршка за 200 нови зелени работни места во микро, мали и средни претпријатија

Од Вреди како коалициски партнер на Владата денеска објави историска мерка за поддршка на создавање нови работни места преку зелени инвестиции, во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Оваа мерка ќе овозможи вработување на 200 невработени граѓани во микро, мали и средни претпријатија, кои ќе добијат финансиска поддршка преку неповратен грант од 250.000 до 750.000 денари, во зависност од бројот на новите работни места: 250.000 денари за едно работно место, 500.000 за две и 750.000 за три.
Грантовите ќе овозможат компаниите да инвестираат во нова опрема и машини, софтвер и лиценци, како и технологии за обновлива енергија и материјали за енергетска ефикасност. На тој начин, мерката создава не само работни места, туку и зелени работни места кои придонесуваат за одржлива економија.
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија кои ги исполнуваат законските услови, со приоритет за стратешките сектори: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство, водостопанство, водоснабдување и управување со отпад, градежништво и транспорт. Апликациите можат да се поднесуваат до 1 септември секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот во Центрите за вработување низ целата земја, а сите информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување.
„Ова е чекор кој покажува дека владата не се мери со слогани, туку со резултати. Инвестираме во вработување, развој, зелена економија и безбедна иднина за сите. Ова е промената што ја ветивме – влада која работи со срце и визија“, се наведува во соопштението.