Економија
ССК: Со менторство до побрз развој на човечките ресурси во компаниите

Законско регулирање на менторството на работното место, потреба од изготвување стандард кој воедно ќе биде и водич при имплементација на менторската врска, како и потреба од дополнителна стандардизирана обука за менторите и менторираните, се детектираните клучни предизвици за успешна реализација и примена на менторството во нашата земја, кое е од голема важност за професионалниот развој на човечките ресурси во компаниите, беше истакнато на прес-конференција во Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК). За таа цел извршниот директор на Сојузот, Александар Зарков, и претседателот на Македонската мрежа на менторите, Славица Николовска, потпишаа меморандум за соработка.
Зарков истакна дека главната улога на менторството е преку развивање менторска програма да се пренесат знаења, експертиза и искуство, а со нејзино реализирање да се овозможи професионален развој на менторираниот.
„Во развиените земји, особено во САД, менторството претставува дел од корпоративната култура. Во нашата земја менторството се спроведува во администрацијата и академијата, додека компаниите се соочуваат со предизвици за негова имплементација, пред сè, поради нерегулираниот однос кон менторот во одредена компанија. Во досегашните обиди за имплементација на менторството во стопанството, компаниите се соочуваат со недостиг од правна заштита и утврдување законска рамка на поимот ментор и неговата улога во компанијата. Компаниите сметаат дека терминот ментор треба да се регулира законски бидејќи при инспекциски надзор се доведуваат во ситуација за утврдување неправилности, токму поради нерегулираниот статус на менторот“, изјави Зарков и додаде дека ова е од исклучителна важност заради придонесот за развој на човечките ресурси во компаниите, особено во денешни услови на одлив на квалитетен човечки капитал.
Николовска истакна дека веќе седум години Македонска мрежа на менторите се залага за подобрување на економското опкружување преку поддршка на претприемачите и малите и средните претпријатија преку менторство, едукација и настани за вмрежување.
„Голем број сопственици на компании или менаџери на институции при реализација на својата менторска улога имаат можност менторираниот да го поканат во својата компанија, како би можел тој одблизу да ја види работата на менаџерот/сопственикот. Многу често ваквиот тип едукација доведува и до понуда за вработување. Но, во сегашниот закон за работни односи како форми на советување и учење се издвоени практиканството, стажирањето и волонтирањето. Овој тип неформална едукација во компанија не е препознаена и како таква би можела да креира проблем доколку менторираниот е затекнат во компанијата од страна на трудовата инспекција, при што и компанијата и менторираниот би подлежеле на парична казна“, истакна Николовска и додаде дека досега оваа менторска релација е уредена само со т.н. џентлменски договор потпишан од двете страни, во кој се истакнати само основите на менторската врска, но и вака уреденото менторство не го мотвира менторот/компанијата да го преземе ризикот.
На настанот јасно беше истакната потребата од креирање дијалог со бизнис-секторот заради систематизирање на менторскиот пристап и изготвување стандард кој воедно ќе биде и водич при имплементација на менторската врска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.