Македонија
(Видео) Стоилковски: Заев ја обвини Унгарија дека го киднапирала Груевски
Зоран Заев вчера на два пати ја пласираше тезата дека Груевски бил киднапиран. Со сета тежина на премиерската функција, Заев вчера на два пати ја обвини Република Унгарија дека киднапирала македонски граѓанин, поранешен премиер, почесен претседател на опозицијата, притоа, лице кое е дел од правен процес. Ваков срам Република Македонија не заслужува, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев е подготвен да ја жртвува сета држава, сите полициски и гранични службеници, само и само да се спаси себе си од одговорност. Притоа, жртвува и притвора луѓе како Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, или кој и да е на ред за дефокус на јавноста. Што се не изнаслушнавме од Заев, само да не понесе одговорност или да не замени некој од своите послушници? Според Зоран Заев службите некогаш постапувале, некогаш не, па дозволиво било во граница да се следи, да се прислушува претседателот на државата, па луѓе сме нели, па нечесно било да им побара одговорност на Спасовски, на директорот на УБК, на директорот на Јавна безбедност. Ама затоа, премиерот на држава обвини дека на граничните премини стоеле, го цитирам „партиски војници“, за потоа да признае дека во безбедносниот сектор намерно негативно оценувале вработени за да тие бидат сменети“, рече тој.
Стоилковски обвини дека Зоран Заев е носител на теророт и политичкиот прогон во Република Македонија, а дека Оливер Спасовски е извршувач на тој прогон.
„Истиот двоец креира судбина на државата, плете приказни за тоа кој да заврши во притвор, кој да биде ослободен, кој да лежи за тероризам, а кој да биде помилуван. Ако гласа како што сака Заев. Во Република Македонија повеќе не постои Суд, не постои обвинител, постои само Зоран Заев. Почитувани, двајца веќе се притворени заради фингирана службена белешка на Управата за Безбедност и Контраразузнување, класифицирана со строго доверливо, за случувања во претседателската палата, за кои и претседателот на државата и притворените ги демантираа“, рече Стоилковски.
Според него, двете политички решенија за притвор на Јанакиески и Божиновски се доказ дека се злоупотребува УБК, дека се следи претседателот Иванов и неговиот кабинет, а се следат и поединци кои се цел на оваа криминогена и однародена власт.
„Кој ја издал наредбата УБК да го следи претседателот Иванов и неговите активности? Какви се’ службени белешки има собрано УБК за работењето на претседателот Иванов и какви се’ конструкции подготвуваат? Кои други лица се предмет на следење од УБК и кој ги прави списоците на политички неподобните кои што треба да бидат следени?“, праша Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Ред во образованието ќе ставиме со едносменска настава и продолжен престој во училиште
Во многу општини во државата има прекумерен број на наставници, односно работат со паралелки од неколку ученици и затоа блок дотациите кои ги исплаќаме за основното и средното образование во најголем дел се трошат за исплата на плати на наставниците. Проблемот може да се реши со оптимизација на училишната мрежа, воведување едносменска настава и продолжен престој во училиштата. Тоа ќе донесе и подобри резултати на нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во Собранието одговарајќи на пратеничко прашање во врска со неисплатениот регрес за годишен одмор на наставниците од средните училишта во општина Гостивар.
„Министерството за образование и наука во 2025 година кон општина Гостивар има исплатено блок дотација за финансирање на средното образование во износ од 320 милиони денари, а понатаму локалната самоуправа е надлежна да ги распредели средствата по ставки. Но, 96,9% од тие средства се исплатени за плати. Така што, јасно е зошто општината не исплатила регрес. Проблем е прекумерниот број на наставници и градоначалникот тоа го знае“, рече Јаневска.
Посочи дека од самиот почеток на мандатот се заложува за оптимизација на училишната мрежа и за воведување на едносменска настава.
„Не е добро да функционираат училишни објекти со по неколку ученици. Мораме да ги споиме со поголемите училишта. Тоа е добро за социјализација на децата и за намалување на режиските трошоци, а од друга страна со воведувањето на едносменската настава и продолжениот престој ќе ги задржиме сите наставници на работа и со нивен дополнителен ангажман од 2-3 часа дневно, нашите деца ќе постигнуваат многу подобри резултати од сегашните“, додаде министерката, потенцирајќи дека лани едносменската настава имало во 150 училишта, а годинава во повеќе од 200.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.

