Македонија
Заев: Покачувањето на платите во администрацијата е дел од реформите
Во Владата се одржа четвртата седница на Советот за реформа во јавната администрација со која претседаваше премиерот Зоран Заев.
Во рамки на седницата, тој зборуваше за процесот за реформа на јавната администрација, истакнувајќи дека и предвиденото покачување на платите на вработените во јавната администрација е дел од тие реформи.
„Потребен е јасен фокус за тоа во кој правец се движи реформата, што е целта, односно што ќе се случува во јавната администрација во наредниот период, а од особена важност е граѓаните да бидат запознаени со сите детали од овој процес. Реформите во администрацијата мора да се спроведуваат на храбар и достоинствен начин, со цел да имаме продуктивна и поефикасна јавна администрација за сите граѓани“, истакна премиерот Заев.
Во рамки на Советот, директорот на Националниот демократски институт, Крис Хеншоу, и претставници на Институтот ја презентираа публикацијата „Предизвици и препораки за подобрување на законодавниот процес“. Во презентацијата беа опфатени препораките во делот на јакнење на капацитетите за пишување закони во институциите, подобрување на координацијата помеѓу Владата и Собранието, потребата од усогласување на законите со европската легислатива, како и намалување на бројот на законски измени.
Публикацијата ќе биде претставена и на владина седница, каде по усвојување, ќе следува и имплементација на насоките адресирани во документот.
На седницата на Советот се обрати и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој го претстави првиот полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација.
„Процесот на реформа е отворен процес, а со тоа за потребите на следењето, оценувањето и известувањето за Стратегијата се овозможува учество и на надворешни засегнати страни. На денешниот совет претходеше јавна дискусија со претставници од граѓанскиот сектор и сите засегнати страни. Извештајот покажува дека 27 активности се целосно спроведени, на 36 активности спроведувањето е во тек, а за останатите 9 активности се доцни со имплементација“, информираше министерот Манчевски.
Како што најави министерот Манчевски, во наредниот период ќе се зголеми динамиката на спроведување на активностите, а годишниот извештај ќе содржи конкретни резултати.
На седницата на Советот беше усвоен полугодишниот извештај, а беше донесен заклучок истиот да се презентира и на седница на Влада.
Премиерот Заев заклучи дека институциите треба да го следат акцискиот план на Стратегијата за реформи во јавната администрација и навремено да ги спроведуваат активностите. Институциите треба редовно да ги ажурираат своите стратешки документи со цел да ги одразуваат преземените обврски за реформи во јавната администрација од Акцискиот план. Дополнително, членовите на Советот за реформа на јавната администрација треба да бидат во комуникација и координација со претставниците од нивната институција во Секретаријатот за реформи во јавна администрација, каде на техничко/експертско ниво се разговара за статусот на имплементација на активностите од Акцискиот план.
Во насока на зголемување на транспарентноста во работата на Владата, по доставени барања до институциите од страна на граѓанскиот сектор, за пристап до информации од јавен карактер, институциите треба да одговараат проактивно и да доставуваат целосни одговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони, излевања и поплави на повеќе локации – во Кичево евакуирани 60 луѓе во спортска сала поради поплавени домови
Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи од дожд. Од ЦУК апелираат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.
Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, на терен се евидентирани следните состојби:
На патниот правец Гостивар – Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче регистрирани се одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол има излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а е забележано и намалено производство на електрична енергија во ХЕЦ Маврово.
Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Од ЦУК информираат дека општината нема соодветна механизација.
Во селото Форино е евидентирано паднато дрво во коритото на реката Вардар, што претставува ризик од поплава, а на терен е испратена екипа со моторна пила.
На делницата Тетово – Бањиче (кај Цртаниот ѕид) има свлечишта и одрони, при што патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Битола и околината
Во селото Лера има поплава кај мостот со можност за проширување кон селото. Во селото Породин е поплавена живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што реките не се излеани. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.
Охрид, Кичево и Струга
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.
Во Кичево се поплавени стамбени објекти на улицата „Прилепска“, а 60 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотел „Гранит“, е регистриран одрон. Патот е прооден, а расчистувањето на поголемиот нанос се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.
Општина Боговиње
Во Општина Боговиње е евидентирано поплавување на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат. Нема загрозени куќи.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.
Свлечиште на патот кон Бањиче
Дополнително, по нова пријава на бројот 112, информирано е дека поради врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се апелира до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата, а општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.

