Македонија
(Видео) Заев: Пред македонското знаме во НАТО ќе стоиме гордо, договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет, нашата територија и јазик

Претседателот на Владата, Зоран Заев, на покана на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, како и на Градскиот одбор на град Скопје на, учествуваше на дебатата што оваа организација редовно ја приредува на актуелни општествено-политички теми.
На дебатата, на која присуствуваа и делегации на повеќе општински одбори на организацијата, Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија и професорот Трајко Стаматовски, претседател на градскиот одбор на Сојузот, го поздравија присуството на премиерот Заев и изразија благодарност за поддршката што тој и Владата им ја посветуваат на борците и поддржувачите на борците од НОВ.
Премиерот Заев на почетокот истакна дека со огромно задоволство го прифаќа предлогот да биде покровител на државното одбележување на 75 годишнината од Првото заседание на АСНОМ во 2019 година, како и на 70 годишнината од основањето на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, која со пригодни настани ќе се одбележи идната година.
Посебно внимание за време на дебатата Заев посвети на актуелниот процес за уставни измени во Собранието и на вестите и толкувањата околу прашањето за АСНОМ, односно дека ќе се избрише од Уставот.
„Вистината е дека АСНОМ не само што не се брише во Преамбулата, туку напротив, АСНОМ сега ќе се спомнува два пати. Со предложениот амандман со делот за АСНОМ се појаснува дека во Преамбулата на Уставот отсега, наместо на манифестот, ќе се повикуваме на правните решенија кои се содржани во Прогласот на АСНОМ како каталог на правните решенија кои се темел на нашата државност. Со тоа, да подвлечам, местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција со новиот предложен амандман е потврдено и засилено“, изјави Заев.
Во продолжение на дебатата, премеирот нагласи дека со Договорот од Преспа, Македонија се стекна со историска шанса за земјата конечно да, како што рече ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински, еден по еден, да ги решиме длабоките проблеми.
Договорот со Република Грција е Договор за македонската иднина и најдобра и фер шанса за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ, за да станеме членка на семејствата кои уживаат силен економски развој, рече премиерот Заев.
„Кога ќе стоиме пред јарболот на кое ќе се издига македонското знаме – ќе стоиме гордо, зашто со Договорот химната, грбот и знамето остануваат засекогаш, и зашто Договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет, нашата територија, јазикот, народот со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство. Договорот го потврдува државјанството како македонско, сега и во иднина, засекогаш, а кодовите МК – МКД остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови за нашата земја“, потенцираше премиерот Заев.
Договорот ни донесе охрабрување и инспирација за поголема доверба меѓу Република Македонија и Република Грција, за иницијативи кои ќе предизвикаат подобар животот за граѓаните на двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Мицкоски: Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со твоите кадри вие го креирате и континуирано правите хаос, кој бидејќи сте „способни“ ќе го „решите“ за 72 часа

Актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска преку социјалните мрежи се обрати до премиерот Христијан Мицкоски.
„Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со ТВОИТЕ кадри ВИЕ го креирате и континуирано правите хаос, кој бидејќи сте “способни” ќе го “решите” за 72 часа. Да заклучиме штом се средува за 72 часа ептен било лесно да се реши, не знам што чекавте до сега, многу пати те повикав во интерес на граѓаните да соработуваш“, пишува Арсовска.
„Нормално лесно ќе го решите проблемот кој вие го креирате, а можевте и до сега, знаеш колку пати 72 часа поминаа во овие 4 години.
Ајде да се вратиме на проблемот поради кој го правиш овој хаос со “ѓубрето”, затоа што ми досади од твоите нарачки и напади со маслинка медиумите и ботовите.
Со месеци заедно со твоето дипломатче чудо од дете плачевте по целиот дипломатски кор, дека си имал проблем со коалицискиот партнер за локални избори поради Чаир.
Демек јас жена сама многу проблеми ви правам. Еве бевте 2 месеци раат од мене за да не ми се јавуваат пола амбасадори во Македонија дека кукаш ќе ти се рушела коалиција поради криминалот на твоите партнери од Чаир.
Сега кога коалицискиот ти победи во Чаир, ај да почнеш да бидеш и ти лидер ко Еди Рама и да срушиш сѐ што не е безбедно за скопјани. Или на овој Изет уште не смееш да му писнеш?
Ајде ајде, финансова полиција и МВР по твоја нарачка експресно упаѓаат по институции 2 дена откако ќе пријави твој партиски другар. Значи се можело.
А јас повеќе од 6 месеци пријавувам и чекам во Чаир со тебе и твоиве институции заедно да одиме да ти го покажам лично криминалот“, додава Арсовска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако утре би биле парламентарните избори, ние би освоиле над 60 пратеници, а СДС би била во некои изборни единици трета партија

ВМРО-ДПМНЕ со 550 советници низ Македонија и градот Скопје, како и со над 300.000 гласови, е апсолутен победник на локалните избори. Кога утре би имало парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ по Донтовиот модел, со овие гласови ќе има над 60 пратеници, додека пак СДС во некои ИЕ би била трета партија, велат од партијата преку соопштение.
„Народот го казни СДС и направи да биде на некои места низ државата, како и градот Скопје, трета, четврта, па дури и петта партија по бројот на добиени гласови. Времето на работа, одговорност и резултати – продолжува, благодарност до сите оние кои го направија вистинскиот избор.
На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласа повеќе од 2021 година, додека СДС потона со минус 111.000 гласа. Ова е пораз кој најдобро ја отсликува недовербата на граѓаните во нивните промашени политики, неспособно владеење и неквалитетни кадри.
ВМРО-ДПМНЕ е партијата со најголема поддршка во 59 општини и градот Скопје, а во мнозинството од нив има апсолутно мнозинство во советите. Тоа значи дека народот избра стабилност, развој и чесни луѓе кои знаат што значи работа за интересот на државата, а не за лични привилегии.
Граѓаните избраа пат на раст и развој, а не застој и пропаѓање. Со оваа поддршка, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека е партија на народот, што ги слуша граѓаните и работи за нив.
Сега е време оваа голема победа да се заокружи во вториот круг. Да излеземе масовно и уште еднаш да ја потврдиме волјата на народот, со заокружување на бројот 9, со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина! Направете го вистинскиот избор!“, се додава во соопштението.
Македонија
Oблачно време со повремени врнежи, температура до 19 степени

Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 14 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во четврток и сабота кога ќе преовладува стабилно време. Во петок и сабота ќе дува засилен ветер од југозападен, а од недела од јужен правец.