Македонија
Шекеринска ги посети војниците на АРМ во Авганистан: Вашиот успех е видлив и почитуван
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, посетата на македонскиот контингент во Авганистан ја заврши со неформална средба со припадниците на АРМ на аеродромот во Кабул.
„На сите средби со раководството на мисијата ‘Одлучна поддршка’ ми беше пренесена една порака – дека тоа што вас ве карактеризира се вашата посветеност, вашите вештини и способности. Денеска, сите треба да се гордееме, и јас како министерка што ги слушнав овие пофални зборови за нашата армија и вие како наши претставници заслужни за тоа. Бидете сигурни дека вашиот успех во мисијата на НАТО е видлив и почитуван, тоа е успех за Македонија. Седнувањето на Македонија на масата каде што алијансата ги носи одлуките е ваша најголема заслуга и најголем придонес“, рече министерката на средбата.

Шекеринска и војниците разговараа за условите во кои тие работат и живеат, за контактите со граѓаните на Авганистан и за определбата АРМ и НАТО да продолжат да ги поддржуваат демократијата, слободата и еднаквоста во Авганистан, сега како партнери, а набргу и како сојузници. Министерката им порача на мировниците да продолжат да бидат вистински професионалци во извршувањето на задачите, да се чуваат себеси и своите колеги и живи и здрави да им се вратат на своите семејства и својата армија во Македонија.
„Ве очекуваме живи и здрави назад во Македонија, во вашиот дом, успешни и горди на покажаните резултати и стекнатото искуство. Ве чекаме заедно со вас да продолжиме да ја градиме нашата татковина во успешна европска земја, членка на НАТО“, рече министерката.

Претходно, Шекеринска се сретна и со најстариот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, Корнелиус Цимерман. По средбата, министерката рече дека земјите членки на НАТО и земјите партнери со години ја поддржуваат оваа мисија и дека сега првпат постои шанса за политички дијалог и преговори што може да бидат пресврт во состојбите. Министерката додаде дека Македонија добива силна и јасна благодарност заради постојаниот ангажман, што е најдобар начин да се покаже што Македонија може да ѝ понуди на алијансата.

Цимерман изрази задоволство од посветеноста на Македонија на мисијата „Одлучна поддршка“ за која посочи дека е важна не само во воена туку и во политичка смисла. Највисокиот цивилен претставник на алијансата во Авганистан изрази желба Македонија набргу да ги направи потребните чекори и да ѝ се придружи на алијансата како нејзина 30 земја членка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

