Македонија
Иванов прогласен за почесен член на Советот за светски прашања во Јордан
Претседателот Ѓорге Иванов вечерва во Аман беше прогласен за почесен член на Советот за светски прашања, независна научна институција која се занимава со прашања од интернационален карактер. Пред членовите на Советот македонскиот претседател одржа предавање на тема: „Балканот, Кавказот и Блискиот Исток: Бермудскиот триаголник на Европа“.
Во своето предавање, Иванов порача дека многу иницијативи, проекти и преговори што биле наменети за регионите на Балканот, Кавказот и Блискиот Исток пропаднале, нагласувајќи дека во овие региони живеат многу етнички, јазични и религиски групи. Според македонскиот претседател, овие се места каде што се испреплетуваат и каде што се допираат поранешните империи, со што настанувале и конфликти.
„Но каде што биле империите, таму се создавал и отворен простор. Луѓето немале граници и затоа најчесто тие го користиле целиот простор. Балканот е врската меѓу Европа и Блискиот Исток“, рече претседателот Иванов.
Историјата, според него, покажала дека овие регионите живееле во релативен мир и благосостојба, во време кога се дел од отворен простор и затоа е потребна интеграцијата.
„Кој комуницира тој се интегрира, кој не комуницира тој се гетоизира и му требаат непријатели. Меѓу Балканот, Кавказот и Блискиот Исток за време на империите немало граници. Луѓето слободно можеле да комуницираат да се запознаваат и меѓу себе да тргуваат“, рече македонскиот претседател.
Иванов во своето предавање потсети дека и Македонија е домаќин на Светските конференции за дијалог меѓу религиите и цивилизациите и порача дека нашата држава е голем поддржувач и активен учесник во Алијансата на цивилизациите, чија мисија е да промовира дијалог.
Претходно, Иванов го посети Бирото за дизајн и развој на кралот Абдула Втори.
Со предавањето во Советот за светски прашања во Аман, претседателот Иванов ја заврши официјалната посета на Хашемитското Кралство Јордан, за време на која со највисоки државни и воени почести беше примен од кралот Абдула Втори Ибн Ал Хусеин, а се сретна и со јорданскиот премиер, Омар Разар, со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез, и со спикерот на Претставничкиот дом, Атеф Таравнех.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

