Економија
(Видео) Анѓушев: „Јухохром“ ќе стартува со работа напролет и ќе обезбеди егзистенција за околу 500 семејства

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, го посети металуршкиот комбинат „Југохром Алзар“ во Јегуновце, по одлуката на Владата да се помогне да се рестартира фабриката.
„Имајќи го предвид значењето на ‘Југохром’ за целиот регион, значењето за тоа колку семејства егзистираат од неговата работа во целиот регион, како и значењето на комбинатот за целокупната економија во државата, Владата донесе одлука да помогне со ликвидни средства за рестартирање на објектот. Тие средства не се наменети само за една цел, туку за да се затвори финансиската конструкција на сопственикот, да може да го стартува погонот. Филтерот веќе се гради и комбинатот ќе биде стартуван напролет согласно со сите разговори“, истакна вицепремиерот.
Анѓушев потенцираше дека за да се рестартира фабриката обврска на сопственикот е да заврши со изградбата на систем за отпрашување, што значително ќе ја заштити животната околина и квалитетот на воздухот во овој регион.
„По подолги разговори со сопственичката струката на ‘Југохром’, дојдовме до решение тие да мора да изградат филтер со цел да биде заштитена животната околина на граѓаните и од тоа нема отстапување и нема алтернатива. Моја порака до сопственичката структура е дека ќе мора да ги заврши своите обврски, но и до сите вработени дека тие својата егзистенција може да ја гледаат во оваа фабрика. Со овој потег ќе се направи еден голем исчекор во работењето на компанијата“, изјави вицепремиерот.
Според тековните информации, системот за отпрашување на печките 7 и 8, којшто е во фаза на изградба, е во вредност од 4,2 милиони евра. Се очекува во наредните 5-6 месеци да заврши изградбата и да стартува рестартирањето на овие две печки.
На последната седница Владата донесе одлука преку Македонската банка за поддршка на развојот, со комерцијален кредит од 1,5 милион евра, да се помогне „Југохром“ да се рестартира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески со ИФЦ: соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.
Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.
Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.
Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.
Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.
Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост, велат од НБРМ.
Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.