Македонија
На Клиниката за урологија извршена трансплантација на бубрези од починат донор

По три години пауза, на Клиниката за урологија во соработка со Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), во Македонија за првпат успешно се изврши трансплатација на бубрези од пациент кој доживеал мозочна смрт, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму појаснуваат дека од пациентот кој починал, со дозвола на најблиските членови од семејството, земени се бубрезите и веднаш се трансплантирани на двајца пациенти кои чекале на нив. Двете трансплатации поминале успешно и засега пациентите кои добиле бубрег се чувствуваат добро.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера веднаш по трансплатацијата ги посетил пациентите.
„Неверојатно сум горд на медицинскиот персонал од нефрологија и КАРИЛ, кои направија неверојатно добра работа. Спасија два живота, на една жена и маж кои долго време се измачувале низ процесите за лекување и дијализа. За пациентката ова е втора трансплатација на бубрег, ѝ посакувам добро здравје и оваа трансплантација да помине како по книга, успешно. Но, неверојатно сум горд и со полна почит кон родителите на дарителот на органите, кои дозволија, по мозочната смрт да се донираат бубрезите од починатиот. Точно, за ваков чекор потребно е човек да биде подготвен и неверојатно големата загуба да ја потиснат размислувајќи дека со донирање органи ќе продолжат и спасат нечиј туѓ живот. За мене лично, тоа се најголемите херои на денешницата“, вели министерот Филипче.
Директорката на КАРИЛ, Маја Мојсова, изјави дека навистина долго се чекало на ваква трансплатација, цели три години.
„Трансплатација од починат донор, за жал, беше во застој од 2015 година. Се надевам дека со почетокот овие трансплатации ќе нè донесат до влезната врата од еуротрансплат-системот. Искрено се надевам дека ќе ги препознаат нашите напори за трансплатација и многу скоро ќе можат и наши пациенти да се надеваат на органи кои би можеле да ги добиеме од некои други европски болници“, вели докторката Мојсова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Kандидатите на „Вреди“ и на ДУИ ќе се соочат во вториот круг во Тетово, Касами е во водство

Кандидатите за градоначалници на Вреди и коалицијата НАИ, преводена од ДУИ, Билал Касами и Бајрм Реџепти ќе се соочат во вториот круг во трката за градоначалник на Тетово.
Според пребројани 100 проценти од гласовите и објавени на страната на Државната изборна комисија (ДИК), Касами од Вреди освоил 45,64 проценти од гласовите или 19.028 гласа, а Реџепти има 36,63 отсто, односно 15.272 гласа. Зад нив е кандидатката од Левица, Катка Божиновска со 7,91 отсто од гласовите.
Македонија
Костадинов за резултатот во Струмица: Изборното цунами се разлеа, ова не е обичен пораз, туку тешка брука и политички срам

По 20 години, во општината, која беше пример и бисер за прогрес, СДСМ ќе биде опозиција, објави на социјлните мрежи досегашниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов.
„Уште еднаш сакам да честитам на резултатот и за градоначалничкиот мандат, како и за мнозинството во Советот на Општината. Тоа е гласот на струмичанки и на струмичани, избор што произлегува од политичката понуда создадена од одлуките на раководството на СДСМ.
Од резултатите на Државната изборна комисија е јасно дека изборното цунами се разлеа во речиси сите општини во државата. Ова не е обичен пораз, туку тешка брука и срам политички, но и морален. Состојбата во која е запален црвен аларм не е доволен сигнал за раководството на до вчера најголемата опозициска партија. Ова е сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството“.
СДСМ, додава тој, е четврта политичка сила.
„СДСМ не влезе во вториот круг ни во Скопје.
Тука станува збор за политичка одговорност и за политички срам. Недозволиво е самоволието да продолжи да владее и со тоа секој член на СДСМ да биде понижен.
Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема.
Што побргу, секој кој носел одлуки треба да се погледне во огледало и да признае дека не го бива. И да си оди. Тоа е доблест, чекор со кој ќе се овозможи вистинските луѓе да се интегрираат во партијата и искрено да почнат со работа. Веднаш, уште денес.
Mора да се седне на маса“.
За консолидација, но суштинска, како што вели, а не декларативна на прес-конференции, туку вистинска, лице в лице.
„Повикувам, со ладни глави, кон реформа, реконструкција, ремонт и ребрендирање, кои може да ја излечат СДСМ“.
Македонија
Демократскиот сојуз: На самостојниот настап за советници во Конче, освоивме 8,69 отсто од гласовите и обезбедивме советник во Советот

Демократски сојуз настапи самостојно за избор на советници во Советот на Општина Конче, при што од вкупно излезени 1.888 гласачи, Демократски сојуз освои 164 гласа или 8,69% од излезените.
За ДС освоените гласови се сериозен потенцијал за партијата што покажува како што велат дека ДС има сериозен потенцијал и солиден придонес во огромната победа на Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, упати честитки до носителот на листата Јонче Здравев и останатите осум кандидати за советници и благодарност до гласачите во општина Конче и населбите Долни Липовиќ, Горни Липовиќ, Габревци, Дедино, Ракитец и Лубница.
„Демократски сојуз доследно ќе се залага за имплементација на изборната програма за Конче, водејќи сметка за рамномерен развој на сите населби“.