Македонија
На Груевски и за „Титаник“ ќе му се суди во отсуство
Судечкиот совет, кој го води предметот „Титаник“ за изборни нерегуларности, предводен од судијата Осман Шабани, одлучи на експремиерот Никола Груевски за овој случај да му се суди во отсуство.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, го образложи барањето за судење во отсуство повикувајќи се на членот 365 од ЗКП, во кој се вели дека, доколку обвинетото лице е во бегство и е недостапно за државните органи, треба да му се суди во отсуство.
„Предлогот на одбраната на Груевски да му се суди во раздвоена постапка не треба да биде прифатен бидејќи нема законска основа. Во членот 29 од ЗКП, на кој се повикува адвокатот на Груевски, Еленко Миланов, е наведено дека судот може од важни причини или причини од целесообразност да ја раздвои постапката, но причината бегство не е ниту едно од овие две. Во членот 365 од ЗКП точно е определено доколку обвинетиот е во бегство и не е достапен на државните органи, дека ќе му се суди во отсуство. Тоа значи дека членот 29 бегството не го регулира, односно ако лицето е во бегство, да му се суди во раздвоена постапка, па да се чека лицето да биде пронајдено за да почне постапката. Исполнети се сите законски услови на обвинетиот да му се суди во отсуство, рече обвинителката од СЈО“, Лиле Стефанова.
Обвинителката побара и мерка притвор за Никола Груевски за предметот „Титаник“, кој би почнал кога тој ќе биде пронајден. По овој предлог на Стефанова, судот изјави дека ќе се произнесе понатаму во постапката.
Покрај „Титаник“, на Груевски во отсуство ќе му се суди и за уште два предмета по кој е обвинет, „Насилство во Центар“ и „Траекторија“.
На минатото рочиште адвокатите на осудениот експремиер изјавија дека барањето на СЈО на Груевски да му се суди во отсуство е неосновано и дека со тоа ќе му бидат одземени основните човекови права, односно правото на одбрана, бидејќи доколку биде донесена таква одлука, Груевски ќе нема можност да ги испрашува сведоците во случајот. Одбраната на Груевски побара наместо судење во отсуство, судењето за случајот да продолжи со издвојување на постапката.
Денешното рочиште за „Титаник“ продолжува со репродуцирање на незаконски прислушуваните телефонски разговори.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

