Македонија
Стотици луѓе од земјава се приклучија на глобалниот лидерски самит

Оваа година на глобалниот лидерски самит стотици луѓе од Македонија им се приклучија на 445.000 свои колеги. Нивната цел е да дознаат како максимално да го искористат своето влијание и да се развијат на професионален план.
Присутните ја имаа можноста да ги слушнат искуствата од најразновидни говорници, кои нудат уникатен микс на визија, инспирација и практични вештини, кои секој може веднаш да ги примени. Неколку од говорниците се Симон Синек, бестселер според „Њујорк тајмс“, Анџела Арндтс, главен потпретседател на малопродажба во „Епл“, Џон К. Максвел, експерт за лидерство, Расмус Анкерсен, автор и бестселер, Крег Грошел, коосновач и главен пастор, Life.Church.
Сите што се дел од самитот ќе ја имаат можноста да ја подобрат својата тимска работа преку зголемување на задоволството во работата и продуктивноста. Тие што присуствувале на самитот велат дека нивната организација е поефективна бидејќи има појасна визија.
Самитот ги отвора вратите на успехот и се повикуваат сите што не беа во можност да присуствуваат оваа година, да се подготват за наредната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Петрушевски: 9 милиони евра завршиле во фирма на Заев од Бугарија блиска до Филипче за ископ на јаглен во време на СДС

Огромни суми на пари, кои се бројат во десетици милиони евра, од продажбата на јаглен на ЕСМ завршувале на сметки на фирми директно на Заев, а кои имаат тесна врска со Венко Филипче, рече денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено фирмата која му го купила луксузниот џип на Филипче, Зобек мининг груп продавала јаглен на ЕСМ по цена од 82 евра, а го купувала за 30-тина. Разликата во цена никогаш не влегла во Македонија. Зобек мининг груп уште во Грција за наводен ископ на јаглен исплатила 9 милиони евра кон фирмата на Заев во Бугарија, Гомасидра. Оваа фирма на Заев е регистрирана на истата адреса во Петрич, Бугарија, како и фирмата на Венко Филипче, „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd)“, кажа Петрушевски.
Според него, „овде има и законска и морална дилема и проблем“.
„Додека Заев и Филипче велеле дека немаат врска со државни тендери, тие всушност биле во милионска шема со државни тендери. Ова почитувани е скандал за кој ЈО мора веднаш да отвори постапка и да реагира. Милиони евра завршиле во фирми на Заев, блиски до Филипче само од еден тендер. Одговорност мора да има“, вели Петрушевски.
Македонија
(Видео) Кузеска: Масовна и груба партизација, објавуваме список за 50 партиски вработувања во РЕК Осломеј

Владата на ВМРО-ДПМНЕ спроведува масовна, бртутална партизација на институциите преку нова серија вработувања со партиски списоци, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа истакна дека свиркачи до СДСМ доставиле интерен список за вработување на 50 лица во РЕК Осломеј и додаде дека „на списокот има членови на општински комитети, но и роднини на активисти на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Без јавен конкурс, без јасни критериуми, без стручна селекција. Единствениот услов за вработување е партиската книшка и фамилијарната поврзаност со власта. РЕК Осломеј, стратешки важна енергетска точка, наместо да биде дел од стабилен енергетски систем, власта го користи како алатка за партиски вработувања на грбот на народот. Вака ли ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува системот? За ова ли бараа доверба од граѓаните?“, рече Кузеска.
Таа истакна дека „сите ветувања за мерит-систем, професионализација и правична држава се фрлени во вода“.
Секоја институција се претвора во испостава на ВМРО-ДПМНЕ, наместо сервис за граѓаните. Наместо држава во која најдобрите напредуваат, добивме држава со вработувања по список, со јавна администрација претворена во партиска армија. Затоа младите и способни луѓе заминуваат. Затоа јавните институции се неефикасни, а довербата во системот се урива. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да отвори предмет по сопствена иницијатива. Бараме ЕСМ јавно да ги поништи сите незаконски вработувања“, вели портпаролката Кузеска.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на третата Конференција на ОН за океанот во Ница

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3).
За време на конференцијата Сиљановска-Давкова ќе присуствува на приемот во чест на високите гости организиран од претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.
Таа ќе биде дел од церемонијата на отворање на Декадата за криосферски науки, во присуство на генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, како и на презентацијата на препораките од специјалните настани на UNOC3 (Конгрес за океанска наука, Форум за сина економија и финансии, Самит за пораст на нивото на морето и крајбрежна отпорност) пред шефовите на држави и влади во „Агора Нептун“ во присуство на претседателот на Француската Република.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.